Ќе стане ли Турција како Норвешка – наоѓалиштето на природен гас во Црното Море вреди 80 милијарди долари


Турското гигантското откритие на природен гас во Црното Море се проценува на 320 милијарди кубни метри и вреди 80 милијарди американски долари според тековните трендови на цените, рече во понеделникот Фатих Бирол, шеф на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), објави Дејли Сабах.

Процената на Бирол дојде откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во петокот го објави најголемото откритие на гас во историјата на Турција. Наоѓалиштето се наоѓа на длабочина од 2.100 метри под морското дно во гасното поле Сакарија кое се наоѓа на околу 170 километри од брегот на Црното Море.

Гасното поле би можело да почне да се експлоатира уште во 2023 година, рече Ердоган, нагласувајќи дека Турција е решена да стане нето извозник на енергија, пишува турскиот весник.

Гасот би можел да ја трансформира зависноста на Турција од Русија, Иран и Азербејџан за увоз на енергија, што ја чинеше земјата 41 милијарди долари минатата година.

Откритието се смета за „огромно“ наоѓалиште на меѓународен план и е споредливо со сите норвешки откритија во Северното Море од 2010 година, изјави Бирол за агенцијата Анадолија (АА).

Тој ја истакна важноста на откритието за Турција, земја која зависи 99 отсто од увозот на гас, коментирајќи дека ќе ѝ помогне на земјата да го намали дефицитот на тековната сметка и увозот на природен гас.

Министерот за енергија и природни ресурси Фатих Данмез во саботата рече дека Турција очекува дека нејзиниот увоз значително ќе се намали по ова откритие и дека може да има повеќе наоѓалишта во друга област каде што сега се праави процена.

„Пред нас имаме нова површина од 6.000 квадратни километри. Нашите експерти проценуваат дека и таму можеби ќе видиме слични структури. Веќе можеме да кажеме дека гасот што ќе го произведуваме ќе биде поекономичен од оној што го увезуваме. Падот на цените е неизбежен кога има производи во изобилство“, рече тој.

Од друга страна, Бирол вели дека за да се започне со производство, кое е планирано за 2023 година, потребна е инвестиција од околу 6 милијарди американски долари.

Според шефот на ИЕА, оваа амбициозна цел од 2023 година не е невозможна, затоа што тоа е направено и со други откритија на гас, но само под услов инвестицијата да биде приоритет и дека службените процедури се спроведуваат навремено.

Турција годишно увезува околу 45 милијарди кубни метри природен гас, а цената е околу 12 милијарди американски долари.

„Ова ќе ѝ помогне на Турција да го намали трошокот за увоз, но нема целосно да ги реши проблемите со трговскиот дефицит“, предупреди Бирол.

Тој истакна дека Турција може да има корист од наоѓалиштето и кога станува збор за преговори во нафтениот сектор, бидејќи многу компании во индустријата за нафта и гас беа принудени да ги отпуштат работниците откако целиот сектор претрпе 50-годишен пад на инвестициите во 2020 година.

„Илјадници луѓе кои работат во нафтени услужни и инженерски компании се невработени, затоа што нема инвестиции во оваа област. Затоа, откритието на Турција дојде во многу добро време за да се овозможи земјата да биде многу силна во потенцијалните преговори за соработка со тие компании“, рече Бирол.

Тој исто така ја советуваше Турција да добие поголемо искуство во оф-шор индустријата и сродните технологии.

„Ова искуство и знаење може да ѝ овозможат на Турција да изгради проекти во областа на искористување на енергијата од ветерот како Данска и Норвешка“, рече Бирол.