Ќе се вложи во кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“, а ќе се довршат и ФИНКИ и ФФК


Недовршените згради на ФИНКИ и ФФК (Фото: Б. Грданоски)

Модерна, современа, енергетски ефикасна градба, и добри курикулуми за настава ќе бидат вложени во кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ а превидено е да се довршат и факултетите ФИНКИ и ФФК.

Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања по надзор во работата на автопатската делница Гостивар – Букојчани.

– Универзитетот „Мајка Тереза“ е најмлад универзитет и е дел од образовната политика на оваа влада и се разбира дека треба да се поддржи и дека треба да се вложи и да се направи модерна, современа инфраструктура и тоа не само инфраструктура, туку и добри наставни планови, да излезат добри студенти, зашто ние како општество ќе имаме бенефит од сето тоа, рече Мицкоски.

Тој посочи дека освен овој кампус ќе се завршат и двата недовршени објекти: на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура.

– И ќе ги довршиме сите објекти кои долго време се споменици. Мораме тоа да го завршиме, затоа што тоа го очекуваат од нас граѓаните, бидејќи лошо делува центарот на главниот град, мораме тоа да го завршиме за да имаме пристојно место за живеење. Така што, за овие четири месеци имаме движење и очекувам во следните четири месеци да имаме прогрес на теренот. Сакаме да вложуваме во образованието и ќе продолжиме, рече Мицкоски.

Освен на двата објекти, Мицкоски најави дека треба да се интервенира и на зградата на НБРМ и ќе биде потребно да се продолжи рокот за градење.