Ќе се прераспределуваат наставници од една во друга општина


Фото: Б. Грданоски

За наставниците да не останат без работа, а за да се спроведе наумената едносменска настава, министерката за образование Весна Јаневска најави прераспределба на дел од наставниците во други училишта, односно и во други општини. 

Имено, како што појасни Јаневска, наставници во училишта каде има паралелки од по 10 до 15 ученици, кои би останале без работа, доколку се спојат паралелките, ќе бидат преместени во други училишта, најдобро во други соседни општини или кога се работи за Скопје,  во рамките на градот

– Дистрибуцијата на наставници во училиштата во Македонија е нерамномерна и во некои училишта постојат паралелки од по 12, 10, 15 деца и повеќе такви паралелки за да се зачуваат работните места на повеќе наставници коишто во овој момент би биле вишок ако се спојат паралелките. Но пак, во други училишта има недостаток на наставници ако ја спроведеме целосно едносменската настава. Поради тоа ќе правиме прераспределба на наставници од таму кадешто ги има вишок во тие општини кадешто тие недостасуваат. Се разбира тоа треба да бидат да речеме општините на Скопје или треба да бидат соседни општини – рече Јаневска денеска, по посетата на ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во општина Ѓорче Петров.

Таа повеќепати досега, а и денеска потврди дека наставниците нема да останат без работа, тие само ќе станат пофункционални, а нивната прераспределба ќе ја прави Министерството за образование заедно со локалната самоуправа и секако со менаџерите на училиштата.