Ќе се отвора средно стручно за возачи во ЈСП?
Бројот на вработени возачи на градски автобуси во ЈСП „Скопје“ константно се намалува, што со пензионирање на постоечките, што со иселување, а само во последниов период бројот на возачи се намалил за 10 отсто.
За да не се доведеме во ситуација, кога во некој догледен период и ќе се набават нови автобуси за градскиот сообраќај во Скопје, да нема кој да ги вози, советниците од Град Скопје, се обединија околу идејата на советникот Горан Арсов од редовите на опозициската СДСМ, за формирање на посебна паралелка во АСУЦ „Боро Петрушевски“ каде би се образувале кадри за професионални возачи.
Едногласно, на денешната седница на Советот на Град Скопје, советниците ја прифатија иницијативата за формирање четиригодишна програма за професионален возач во АСУЦ „Боро Петрушевски“ со програма за субвенционирано стекнување на возачки дозволи Бе, Це, Де плус Е категорија и вработување како возач на автобус во ЈСП „Скопје“.
– Ние сакаме средното училште да произведува кадар којшто после тоа ќе го користи ЈСП како професионални возачи на автобуси со Де плус Це категорија. Ни кажаа дека во нивните програми имаат програма за професионален возач, меѓутоа тие се тригодишни, а во систематизацијата на ЈСО стои дека услов за професионален возач за автобус на ЈСП треба да има четиригодишно средно образование – рече Славчо Мисајлески, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, предлагачот на иницијативата.
Дополнително појасни дека услов за лиценца за возач со Це и Де категорија, е кандидатот да има 24 години, затоа се јавила и потребата од измени во Законот за безбедност на патиштата, а во повеќе европски земји веќе се намалува таа граница. Тоа го оправдува со фактот дека завршени ученици во кое било средно училиште немаат доволно искуство во возење, а овие пак, би имале четиригодишна пракса додека учат, односно го завршуваат средното стручно образование.
Градот Скопје и ЈСП „Скопје“ би ги субвенционирале полагањата на децата кои завршиле средно стручно за професионални возачи, а воедно да му се помогне на претпријатието да има од кај да црпи кадар.
Воедно, се одлучи да се формира работно тело со претставници од Град Скопје, ЈСП „Скопје“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, МОН, Центар за средно стручно образование и МВР, кое во рок од 60 дена од неговото формирање, ќе има за задача да изготви предлог-стручна програма за четиргодишно стручно образование за професионелн возач за превоз на патници во ЈСП „Скопје“, предлог-измени на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, програма за субвенционирано стекнување со возачка дозвола за Бе, Це, Де плус Е категорија, програма за договорно вработување во ЈСП „Скопје“ најмалку 3 или 5 години.
Иницијативата ќе биде доставена до градоначалникот.(Б.Б.)