Ќе останат ли студентите во Скопје без бесплатен јавен превоз?
Бесплатниот студентски автобуски превоз со Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП Скопје) повторно е доведен во прашање. Обидите на студентите да ги продолжат годишните билети за следната календарска 2025 година завршуваат безуспешно – во центрите за персонализација на ЈСП добиваат одговор дека се чека „амин“ од надлежните. Но, претпријатието и Министерството за образование и наука (МОН) сè уште не се договориле кој да го преземе финансискиот товар, односно да плати за бесплатниот студентски превоз. Како резултат на тоа студентите не можат да си ги продолжат билетите и неизвесно е дали оваа мерка ќе продолжи да се применува догодина.
Ваквата можност, да се возат бесплатно со автобусите на ЈСП Скопје, редовните студенти на државните факултети во главниот град почнаа да ја користат од 1 јануари 2016 година. Мерката ја воведе тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и од тогаш важи секој ден, за сите градски и приградски линии.
Со мерката беше предвидено на сите редовни студенти од државните универзитети во Скопје да им се доделат картички од ЈСП Скопје, со цел да можат бесплатно да ја користат услугата. Картичките „Скопска“ важат на годишно ниво, а секој декември важноста им се продолжува и за наредната календарска година. Но, овој декември картичките за бесплатен јавен автобуски превоз не можат да се продолжат.
Повеќе студенти за Мета.мк сведочат дека во центрите за персонализација на ЈСП Скопје, каде треба да ги продолжат картичките, вработените ги враќаат назад со објаснување дека сè уште нема информации дали оваа мерка ќе продолжи и во 2025 година.
Арсовска и ЈСП тврдат дека МОН има долг, Министерството не се согласува
Неизвесноста во која се доведени студентите е резултат на повеќемесечните обвинувања помеѓу Град Скопје и Владата.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, тврди дека Владата има долг од 8 милиони евра кон ЈСП Скопје, сума за која рече дека на почетокот од следната година ќе порасне на 10 милиони евра. Кон крајот на ноември годинава Арсовска предупреди дека прашањето за бесплатен јавен превоз не е загрозено само за студентите, туку и за останатите корисници. Таа обвинува дека централните власти не ги исполнуваат своите обврски кон јавните претпријатија, поточно не ги плаќаат трошоците за бесплатниот јавен превоз.
„Не знаеме која е агендата зад тоа што четврта година по ред не се плаќаат долговите од страна на Владата, меѓутоа очекуваме јасно да биде кажано дали имаат намера да продолжат со оваа мерка или не затоа што тоа е обврска и одлука што тие ја имаат како влада, а Советот ја има поддржано“, изјави Арсовска на 26 ноември 2024 година.
Во меѓувреме, според извештајот на Државниот завод за ревизија објавен во октомври, МОН две години не ги покривало трошоците за бесплатен превоз на студентите. За оваа мерка, Владата во 2022 и 2023 година не донела никакви одлуки, но и покрај тоа, ЈСП продолжило да ги вози студентите бесплатно.
„Владата нема донесено одлуки за одобрување на средства од буџетот на МОН за покривање на трошоците за бесплатен градски превоз на редовните студенти на државните универзитети за учебните години 2022/2023 и 2023/2024. Поради тоа, во буџетот на МОН не се предвидени средства за оваа намена, додека ЈСП Скопје продолжува да ја исполнува законската обврска за бесплатен јавен превоз, но без надомест“, се вели во ревизорскиот извештај објавен на 29 октомври 2024 година.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерката за образование и наука Весна Јаневска во август изјави дека не постои правен основ по кој Министерството би го исплатило долгот што Арсовска тврди дека државата го има кон ЈСП Скопје. Таа најави дека за разврска ќе одлучува судот.
„Нема правен основ по кој Министерството би го исплатило тој долг. Нема спогодба, нема договор, нема владина одлука. Така што, јас повторувам, и да сакам, не можам, а јас сакам студентите да имаат слободен превоз и за следната година. Ние планираме средства за слободен превоз на студентите. Но, тоа мора да се реши на поинаков начин. За мене како министер начинот е судот да одлучи, како ќе одлучи судот – така ќе постапуваме“, изјави Јаневска на 23 август годинава.
Ова не е првпат функционирањето на бесплатниот јавен автобуски превоз за студентите да се доведе во прашање. И во 2022 година, Град Скопје тврдеше дека МОН му должи 2 милиони евра за бесплатниот превоз на учениците и на студентите.
„Според Законот за високо образование од 2018 година,„Владата на Република Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, при што средствата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија“.
Студентите бараат одговори
Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ) денеска преку јавна реакција побара одговори од ЈСП Скопје, Советот на Град Скопје, Владата и МОН, за тоа дали мерката ќе продолжи и во 2025 година.
„Бесплатниот јавен превоз е значајна и неопходна мерка која не само што е корисна за младите, туку е и поттик за активно учество во орбазовниот процес, и општеството во целина. Сметаме дека ова прашање е од суштинско значење за иднината на студентите во нашиот град и држава и затоа бараме итен одговор и објаснување“, се вели во реакцијата на УСС УКИМ.
Од таму сметаат дека укинувањето на мерката ќе доведе до зголемување на финансиските трошоци за студентите и нивните семејства, до ограничен пристап до образование и до уназадување на студентскиот стандард.
Мета.мк испрати прашања до ЈСП Скопје и до Министерството за образование и наука во врска со меѓусебните обвинувања, но до овој момент, ниту една страна не одговори на прашањата. (Мета)