Ќе му се врзат или одврзат рацете на Радев на денешниот состанок во Софија?

Состанокот на Советот за национална безбедност денес ќе покаже  дали Бугарија е во состојба да одржи обединета позиција со јасни услови кои ќе бидат почетна точка за дијалог со Скопје


 

Средбата со Радев за Скопје ќе биде првиот тест за надворешната политика на новиот бугарски премиер Кирил  Петков и за неговите односи со претседателот Румен Радев,  оценуваат локалните медиуми во Бугарија.  

„Денови пред потврдената посета на премиерот Кирил Петков на 18 јануари, овој чекор е важен бидејќи ќе зависи дали Бугарија ќе може да заземе обединета позиција за градење нови односи со Скопје, по една година блокада поради ветото на преговорите со ЕУ и повеќе од две години на зголемените тензии откако Бугарија ги објави плановите да го наметне.

Средбата има само советодавна моќ, но може да прерасне во бламажа за премиерот. Тоа би го поставило прашањето за смислата да отпатува во Скопје. Добрите намери и  во голема мера протоколот бараат покана до северномакедонскиот премиер наскоро да ја посети Бугарија. Но, во отсуство на сигнали за вистинска промена во Софија, Димитар Ковачевски може да почека во најдобар случај да се одложи целата идеја за динамика во контактите“, оценува денешен „Дневник“. 

Според медиумот Петков инсистира на активен дијалог со властите во Скопје со состанок на пет меѓувладини групи – инфраструктура, економија, културна размена, влез во ЕУ и историја – секоја недела со цел да се изгради доверба до средината на годината. Но, тој не само што наидува на отпорот на коалициските партнери како БСП и „Има таков народ“, туку нема поддршка за неговиот став од Министерство за надворешни работи доверено на партијата на Слави Трифонов. Во моментов таму нема заменик министер кој е доволно запознаен со проблемите меѓу Бугарија и Северна Македонија и кој одржува добри контакти во Скопје.

Состанокот на Советот за национална безбедност денес ќе покаже  дали Бугарија е во состојба да одржи обединета позиција со јасни услови кои ќе бидат почетна точка за дијалог со Скопје или нејзината македонска политика ќе ги зголеми различните пораки навестени во последните недели со изјавите и на Радев и на коалиционите партнери, пишува „Дневник“.

Решавањето на спорот, според анализата, е во надлежност на владата и – доколку таа донесе таква одлука – на парламентот, а не на шефот на државата.По маневрите на Радев, пак, се разјаснија линиите на поделба во кабинетот на Петков. Најјасен сигнал дојде од лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов. Тој на Фејсбук напиша дека укинувањето на ветото треба да се поврзе со влезот на Бугарија во Шенген и со укинувањето на визите за САД. Така, Трифонов, кој прв го објави (и пред претседателството) датумот 10 јануари како ден на свикување на советот за национална безбедност, за прв пат се обиде промената на бугарската позиција да ја поврзе со барања кои немаат никаква врска со тоа.  Подоцна, тој своите зборови ги нарече лично мислење (но додаде барање за признавање на бугарските корени). Но, тие предизвикаа силен интерес и во Скопје, каде некои медиуми тоа го протолкуваа како нови услови за Македонија.

Во своите коментари, лидерот на „Има таков народ“ сепак го потврди впечатокот за продлабочување на разликите во коалицијата за прашањето за „Северна Македонија“. Неговата партија и БСП остануваат на позиции блиски до оние за кои се залагаа ГЕРБ и ВМРО во претходната редовна влада. Наспроти него, „Промените продолжуваат“ и „Демократска Бугарија“ претпазливо зборуваат за потребата од промени во дбраната на бугарскиот национален интерес (а тоа го вклучува и македонското членство во ЕУ). Претседателот на Народното собрание Никола Минчев (ПП) дури зборуваше за потребата од средба со неговиот македонски колега Талат Џафери – таков разговор немало од 2009 година. Тие се обвинети дека дејствувале под притисок од надвор.