Ќе ја даде ли Трамп власта ако изгуби на изборите?
Лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот на САД, Мич Меконел, вети мирен трансфер на власта по претседателските избори, бидејќи претседателот Доналд Трамп одби да одговори во случај демократот Џо Бајден да го победи на 3 ноември.
„Победникот на изборите на 3 ноември ќе биде инаугуриран на 20 јануари“, напиша Мич Меконел на Твитер.
„Ќе се случи мирна транзиција, како што се случува на секои четири години од 1792 година“, објави тој.
„Ќе почекаме да видиме што ќе се случи“, рече Трамп во одговор на новинарско прашање: „Ако победите, изгубите или се повлечете од изборите, дали ќе има мирен трансфер на власта по изборите?“
Трамп заостанува во анкетите зад Бајден, кој веднаш реагира на изјавата на Трамп, потсетувајќи дека сегашниот станар во Белата куќа упати слична закана пред изборите во 2016 година, на кои ја победи демократската кандидатка Хилари Клинтон.
Реагираше и републиканскиот сенатор Мит Ромни, кој редовно му се спротивставува на претседателот.
“Мирниот трансфер на власта е основата на нашата демократија. Без неа, ние ќе бевме Белорусија. Било какво укажување од кој било претседател дека може да ја изостави таа обврска загарантирана со уставот е незамисливо и неприфатливо”, напиша Ромни на Твитер.