Ќе исчистат ли повторно барем за Мицкоски?


Контејнерите се на 50-тина метри од новиот мултифункционален центар што се гради во Ново Лисиче

Одамна поминаа 72-та часа најавени од новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, за чистење на Скопје – главниот град затрупан во ѓубре денови пред локалните избори. 

Со силна механизација и со сите луѓе кои беа на располагање, поддржани од сите општини во Скопје и некои од републикава, тргнаа во акција за чистење на главниот град, а акцијата беше донекаде успешна. Светна центарот, контејнерите се подизпразнија, не претекуваа и толку!

Синоќа, околу 20.30 часот, жителите на главниот град имаа уште час и половина да фрлаат ѓубре, според новите насоки кои ги донесе градот – односно, жубре да се фрла од 6 часот утрото до 22 часот навечер. Но, жителите на Ново Лисиче тешко можеа да го направат тоа, затоа што контејнерите беа преполни. 

Вака изгледаа на само 50-тина местри од местото каде денеска треба да присуствува премиерот Христијан Мицкоски. 

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, денеска ќе изврши увид во градежните активности за реконструкција и целосно уредување на нов мултифункционален центар, кој се наоѓа во непосредна близина на СЦ „Марко Божиновски“ во Ново Лисиче, Општина Аеродром, соопштија од Владата, а предвидено е да даде и изјава.

Претходниот пат, кога Мицкоски присуствуваше на поставување камен-темелник на маркетот „Лидл“, од другата на страна на булеварот, и паркингот пред маркетите и контејнерите беа исчистени, а беше и заметено. 

Како Општина Аеродром го згази достоинството на своите жители – за Мицкоски се исчисти цел паркинг

Ќе ја имаат ли новолисичани таа среќа, поради присуство на премиерот, повторно да го фрлат ѓубрето во пристојни контејнери, останува да видиме. 

Инаку и Општина Аеродром утрово се пофали дека нивните комуналци метат суви лисја, ги средуваат патеките во бројните паркчиња низ општината, а можеби се пратени токму затоа, да потсредат за доаѓањето на премиерот. 

Ако ни чистат само кога доаѓа премиерот, тешко дека ќе дочекаме населбата, маалата да ни бидат во пристојна состојба. Секако далеку од совршена. За тоа ќе треба и ние да помогнеме, да не расфрламе и да го оставаме сметот во местата предвидени за тоа.