Ќе го послуша ли Мицкоски бувот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ треба да се запраша која би била користа од уставна блокада. Нема сојузници за неа ниту во ЕУ, ниту во САД, ниту дома, освен во Левица. Останувајќи на таа позиција Мицкоски ќе мора да води само антиевропска, антибугарска и антиалбанска кампања


Христијан Мицкоски со голема сигурност ќе ја изгуби и лидерската позиција во својата партија, па и наредните избори, ако ги слуша советите на оние советници, експерти, па и новинари, кои упропстија многу лидери пред него, без влакно да им фали на главата. Според нив, тоа ќе се случело ако ВМРО-ДПМНЕ гласа за промена на Уставот и овозможи реален почеток на преговорите со ЕУ.

Тие секако не му ги предочуваат пошироките последици за партијата на Мицкоски, па и за Македонија од „блокадата без реална причина за тоа“ и не сакаат ниту да помислат колкава би била користа од напуштање на таа штетна политика.

 

Зошто негласањето за промена на Уставот е без реална причина  Факт е дека промената на Уставот, заради внесување на малубројната етничка заедница на Бугарите во Македонија, на почетокот од отворањето на вистинските преговори беше изнудена од Бугарија и од ЕУ. Но тоа барање, кога уште не беше јасно кога треба да се исполни, во принцип, не беше  сметано за  проблем од ВМРО-ДПМНЕ. Свесни дека со таква промена на Уставот, Бугарите добиваат официјален статус на национално малцинство во Македонија, дека пропаѓа бугарската теза за „еден народ во две држави“ и дека  им се затвора устата на оние кои говорат за некаква дискриминираност на Бугарите во Македонија, Мицкоски и неговата партија рекоа дека тоа не е најголем проблем во односите со Бугарија. Тие, како и многумина други, само инсистираа барањето за Бугарите да се прифати подоцна и да биде некаква гаранција дека нема да има нови уцени од Софија во натамошните преговори за членство. Токму на тоа инсистираше и преговарачкиот тим од владата.

Но Бугарија, која не беше и не е сигурна дека ќе може да изнуди каква било друга отстапка од Македонија во натамошните преговори за членство, инсистираше тоа „прифатливо барање за сите партии во Македонија“ да се случи на почетокот. ЕУ тоа го сметаше за прифатлив компромис.

Сега, некои го убедуваат Мицкоски дека токму неприфаќањето на промената на Уставот и блокадата на разговорите ќе му гарантирале тој да останел на лидерската фунција, да победел на следните избори и да спречел „наместо европеизација да ни се случувала бугаризација“. Ако ги послуша, Мицкоски и неговата партија се на пат да ја направат својата најголема грешка.

 

Што му треба на Мицкоски?  На Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ сега им е потребна промена на имиџот и создавање нови сојузници а не изолација и останување во друштвото на проруската, антиевропска и антиНАТО, Левица.
Со негласањето за промена на Уставот, тие себе ќе се претстават како партија која „блокира без реална причина“, бидејќи е сосема јасно дека со блокадата,  за промената на Уставот, која во принцип е прифатлива за ВМРО-ДПМНЕ, таа уставна промена не може да се помести за подоцна и да се изнуди нова преговарачка рамка.

Мицкоски и партијата ќе бидат меѓународно изолирани.Внатре во Македонија ќе останат без ниту еден коалициски партнер, бидејќи освен Левица со двајца пратеници сите други партии се свесни дека преговарачката рамка, иако не е најдобра, па и најправедна, сепак ѝ дава шанса на Македонија да биде ставена на шините кон ЕУ.
Бугарија тој чин на ВМРО-ДПМНЕ нема да го доживее пријателски и ширењето на стравот од бугаризација и асимилација ќе го смета за говор на омраза. Грција, исто така, нема да биде среќна од тој чин, бидејќи и имплементацијата на Преспанскиот договор зависи од напредокот на разговорите за членство на Македонија во ЕУ.
Мицкоски треба да се запраша која би била користа од оваа блокада. Нема сојузници за неа ниту во ЕУ, ниту во САД, ниту во Бугарија, ниту во Грција, ниту во Србија, ниту меѓу Албанците во Македонија, ниту меѓу политичките партии во Македонија, освен од Левица.
Од друга страна, секој елементарно политички писмен човек може да му каже на Мицкоски дека со инаетењето и негласањето за промена на Уставот нема да ја промени преговарачката рамка, нама да го смени барањето на Бугарија и на ЕУ и единственото што може да го постигне е да ѝ соопшти на ЕУ дека поради наши внатрешни недоразбирања сме се откажале од натамошните разговори за членство, кои се од голема важност за нашата па дури и за регионалната безбедност.
Останувајќи на таа позиција, до изборите во 2024 година Мицкоски реално ќе мора да води само антиевропска, антибугарска и антиалбанска кампања. Но, тоа ќе биде кампања исклучително во корист на Левица и на никој друг.
ВМРО-ДПМНЕ со таков пристап ќе ја изгуби можноста да се прикаже како реформирана партија која е проевропска и која се бори со нов профил на политичари против криминалот и корупцијата, против слабостите на сегашната власт во справувањето со кризата и на таа платформа да најде нови подржувачи во соседството и во Европа и нови коалицисни партнери дома.

 

Што ќе се случи со ВМРО ако гласа за промена на Уставот?  Со гласањето за промена на Уставот, ВМРО-ДПМНЕ ќе се ослободи од непотребниот баласт. Ќе им ги препушти тие проруски валкани работи на Левица и на Јанко Бачев и ќе се сврти кон иднината на Македонија. На тој пат може да најде многу нови подржувачи и партнери.
Тоа е всушност единствениот начин за Мицкоски да докаже дека излегол од сенката на Груевски, да си ја зацврсти лидерската функција, да се обиде да победи на изборите и да има коалициски партнери за состав на влада. Сѐ друго е само санкање од страна на злобни и неуки.

Нивните совети се како оние на бувот. Бувот ја советувал стоногата, која имала реума, да стане птица. Ѝ рекол дека така ќе има само две нозе и дека болката ќе и се смали за 98%. Среќна стоногата тргнала дома ама по пат се сетила дека не прашала како да се претвори во птица. Кога се вратила и го прашала бувот како да стане птица, тој ѝ рекол: „Види, јас сум тука за идеи. За практична реализација погрижи се сама“.

Оттука, не секогаш е виновен бувот. И покрај тоа што има големи очи и делува како мудрец. А Мицкоски треба да го знае тоа.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор)