Ќе го истурка ли владата на Заев целиот мандат?


Сосема извесно е дека и следната 2020 година ќе биде изборна, но дилемата е  дали изборите за „јубилејниот“ десетти состав на парламентот ќе бидат први редовни по повеќе од една деценија или и тие ќе бидат предвремени, така што ќе се одржат неколку месеци порано. За разлика од претходно, кога владејачката ДУИ редовно одмавнуваше со рака кога ќе се споменеа предвремени избори, сега токму оваа партија ја нафрли можноста тие да се одржат порано, откако опозицијата побара оставка од премиерот Зоран Заев заради неговите разговори со лажните Порошенко и Столтенберг. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предвремените избори ги оправда со потребата да има разрешница на тоа што се случува во државата.

– Апелирам за разум, да се седне, да се повикаат пратеничките групи и да се организираат предвремени парламентарни избори. Граѓаните нека одлучат дали овие политики ќе ја добијат поддршката или ќе дојде некоја нова генерација на политичари – изјави Мицкоски во интервју на Алсат М, не исклучувајќи притоа ниту можност од мирни протести на опозицијата. Притоа, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е во комуникација со партиите од албанскиот политички блок, а дека тој лично комуницира со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Проценките во политички кругови се дека „бомбите“ на Ел Чека, веројатно, се една од причините што во ДУИ почнува да се гледа поблагонаклонето кон евентуални вонредни избори, затоа што позициите на партијата би можеле дополнително и перманентно да ослабнуваат до рокот за редовните избори, односно наесен следната година. Поради тоа, пратеникот Артан Груби не ја отфрли деновиве можноста за избори неколку месеци порано, во втората половина на мај или во јуни следната година. Сепак, тој рече дека за тоа треба да се разговара и со другите парламентарни партии, со оглед на тоа што за распуштање на парламентот треба да се обезбеди минимум 61 глас.

Од друга страна, токму затворањето на прашањата што сега се наведуваат како пречка за одржување предвремени избори годинава се сметаат за можен мотив владејачката гарнитура да излезе на избори напролет во 2020 година, односно да не се чека есента. Една од причините поради која вонредни избори се речиси невозможна мисија до крајот на оваа година, секако, е тоа што годинава, односно во текот на пролетта, се одржаа редовни претседателски избори, така што две гласања за само неколку месеци би биле премногу. Затоа, пак, очекуваното зачленување во НАТО до крајот на годинава и можниот датум за почеток на преговори со ЕУ, може да бидат повод за владејачките партии да се обидат да ги валоризираат овие успеси во делот на надворешната политика, со тоа што ќе излезат на избори уште во првата половина наместо кон крајот на 2020 година.

Премиерот и лидер на СДСМ засега, барем декларативно, се залага за избори во редовен термин. Сепак, веднаш по претседателските избори кои завршија на 5 мај годинава и едвај ги исполнија очекувањата за одѕивот на гласачите, неофицијално проструи вест за наводен начелен договор меѓу владејачките партии и опозицијата за предвремени парламентарни избори во март. Дури 15 и 22 март се спомнуваа како можни термини за одржување на изборите, што би значело формирање техничка влада веднаш по официјализирањето на членството на земјата во НАТО и распуштање на парламентот уште во почетокот на новата година.

Сепак, социјалдемократите засега оддаваат впечаток дека не им се брза да ги стават на изборен тест своите политики поради тоа што во периодот по претседателските избори се најдоа во дефанзива по неколку нови скандали кои ја засенија т.н. „метла“ која, пак, во прв момент го постигна посакуваниот мобилизирачки ефект во вториот круг од претседателските избори. Од СДСМ велат дека остануваат посветени на реформите и на државните приоритети, во период кога државата е пред остварување на полноправно членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, а треба да се спроведе и попис на населението. Повиците за предвремени избори во СДСМ ги сметаат како маркетиншки трик на ВМРО-ДПМНЕ, која бара избори за да не ги добие. За првите постизборни анкети што покажуваат првична блага предност на опозицијата, од владејачкиот табор оценуваат дека не станува збор за тренд туку за моментна ситуација која очекуваат да се поправи во нивна корист во наредниот период, особено ако се има предвид дека премиерот Заев и натаму има значајна предност пред сите други политичари на рејтинг-листите.

Во случај следните избори да бидат во редовен термин, поради политичките околности од почетокот на 2017 година владата на Заев дотогаш нема да има цел еден мандат, односно да истурка до крајот на мандатот на актуелниот парламентарен состав. Поради опструкциите од сегашната опозиција и од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, владата на СДСМ и на ДУИ беше формирана половина година по конституирањето на деветтиот собраниски состав. Кога кон тоа ќе се додаде и враќањето на концептот на т.н. пржинска влада, по барање на опозицијата, јасно е дека почетокот на септември 2020 година е последниот можен рок до кој Заев би останал на чело на Владата пред да го препушти кормилото на технички премиер од редовите на СДСМ чии, пак, кадри ќе треба да отстапат од министерските места во труд и социјална политика и во внатрешни работи, за таму – 100 дена пред изборите, да влезат министри од ВМРО-ДПМНЕ.

Изборната реформа тапка во место

Реални се шансите следните парламентарни избори да се одржат според старите изборни правила, ако се има предвид дека од поодамна најавената изборна реформа веќе подолго од една година е статус кво. Меѓу парламентарните партии, пред сè СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, имаше начелен договор за нов концепт за составот на ДИК, како и за преиспитување на досегашниот пропорционален модел со шест изборни региони за парламентарни избори. И покрај тоа, нема придвижување на ставовите по овие прашања. Од Министерството за правда велат дека една верзија со предлог-измени на Изборниот законик уште минатата година била доставена до политичките партии, ама досега не стигнал одговор од ВМРО-ДПМНЕ. Нова верзија на измени на Изборниот законик, како што додаваат, би била подготвена откако ќе стигнат препораките од ОБСЕ-ОДИХР од набљудувањето на неодамнешните претседателски избори.

Премиерот Зоран Заев изјави за време на викендот дека се потребни нови измени во Изборниот законик за да се вградат сите препораки на ОБСЕ-ОДИХР. Швајцарската амбасада обезбедила грант од 11 милиони евра за десетгодишен период, пред сè за донесување нов изборен законик.

– Треба да седнеме и да го реализираме тоа бидејќи и ја, и Христијан Мицкоски, но и сите други, рековме дека ќе го направиме тоа по претседателските избори, затоа што една и пол година нема избори до редовните парламентарни избори. Така што треба да седнеме растоварени и да го решиме тоа прашање. За нас е прифатлива една изборна единица, отворените листи, сè што ќе значи демократизација на изборните процеси – рече Заев.

Првичниот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ беше ДИК да се конституира како административно тело во кое партиите ќе делегираат свои набљудувачи само пред избори и тоа без право на глас. Но, додека се чека решението, во ДИК и натаму е составот кој беше избран со мандат од само шест месеци за да го спроведе референдумот, за потоа на членовите да им биде продолжен мандатот за уште најмногу две години, затоа што ќе немаше кој да ги спроведе претседателските избори. Во однос на изборниот модел, пак, се разгледуваа модалитети за намалување на бројката на изборни единици на една или евентуално на три, како и можноста за воведување отворени листи. Проценките се дека, ако се направат вакви крупни измени на изборната регулатива, ќе треба да поминат барем шест месеци до нејзино спроведување на терен. Според Уставот, редовни парламентарни избори се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав (што во овој случај би значело од крајот на септември до почетокот на декември) или во рок од 60 дена од распуштање на Собранието – во случај на вонредни избори.

Александра М. Митевска