Китот кој беше насукан кај Германија со денови, повторно е слободен
Хамбург – Грбавиот кит кој беше насукан со денови кај германскиот брег на Балтичкото Море доцна синоќа успеа да се ослободи, откако претходно заглави на уште еден песочен гребен, изјави портпаролот на Министерството за животна средина на Мекленбург-Западна Померанија.
Китот е придружуван од морската полиција која се обидува да го следи, изјави Клаус Танцен, додавајќи дека со оглед на тоа што водите во таа област се многу плитки, животното може повторно да заглави.
Несреќното животно привлече огромно медиумско внимание откако се насука на песочен гребен рано во понеделникот кај германското одморалиште Тимендорфер Штранд, во близина на градот Либек.
По неколкудневни неуспешни напори за негово ослободување, спасувачите во четвртокот ископаа канал во околниот песок користејќи пловечки багер, што му овозможи на китот, долг меѓу 12 и 15 метри, да отплива на слобода следната ноќ.
Сепак, еколозите и поморските експерти стравуваа дека китот би можел потенцијално повторно да заглави, бидејќи беше забележан како се враќа кон поплитките води по неговото ослободување.
Тие грижи станаа реалност вчера, кога според „Гринпис“ китот беше забележан насукан на песочен гребен во заливот на Висмар, околу 40 километри источно од Тимендорфер Штранд.
Тој беше пронајден насукан во близина на ненаселениот остров Валфиш (Walfisch), што во превод значи „кит“.
„Откако успеа да се ослободи од својата претходна непријатна положба, китот беше повторно забележан денеска напладне во заливот на Висмар во близина на островот“, соопшти тогаш државното Министерство за животна средина.
По првичните набљудувања вчера, голем број загрижени официјални лица, научници и активисти се упатија кон заливот на Висмар во случај на животното повторно да му биде потребна помош.
Големите китови, како грбавите китови, не се природни жители на Балтичкото Море, но повремено завршуваат таму откако, на пример, ги следат јатата риби во потрага по храна.
Според експертите, подводната бучава исто така може да игра улога во присуството на овој кит во Балтичкото Море.
Биолозите се надеваа дека китот ќе се врати назад на запад кон Северното Море, што би му овозможило да стигне до отворените води на Атлантскиот Океан.
По неговото првично ослободување, групите за заштита на природата користеа гумени чамци за да формираат еден вид блокада за да го спречат повторно да влезе во плитка вода, обидувајќи се да го насочат понатаму во подлабоките води на Балтичкото Море.
Сепак, китот набрзо беше забележан понатаму на исток, кај брегот на областа Мекленбург.
Според Институтот за истражување на копнени и водни диви животни, било невозможно да се постави уред за следење на китот бидејќи неговата кожа е премногу заболена.