Кисинџер: Тензиите меѓу САД и Кина се закана за целиот свет
Поранешниот американски државен секретар предупредува на економската и воената моќ на Пекинг
Поранешниот американски дипломат Хенри Кисинџер изјави дека тензиите меѓу САД и Кина се закануваат да го зафатат целиот свет и може да доведат до судир налик на Армагедон меѓу двата воени и технолошки гиганти.
97-годишниот поранешен државен секретар на САД, кој како советник на претседателот Ричард Никсон го изработи одмрзнувањето на односите меѓу Вашингтон и Пекинг во 1971 година, рече дека мешавината на економската, воената и технолошката моќ на двете суперсили носи повеќе ризици отколку студена војна со Советскиот сојуз.
Разликите со Кина се „најголемиот проблем за Америка, најголемиот проблем за светот“, рече Кисинџер на Форумот „Седона“ на Институтот Мекејн за глобалните теми.
„Затоа што ако не можеме да го решиме тоа, тогаш ризикот е дека низ целиот свет ќе се развие еден вид студена војна помеѓу Кина и Соединетите Држави“.
Неговите коментари дојдоа кога американскиот секретар за одбрана Лојд Остин предупреди дека „начинот на кој ја водиме следната голема војна ќе изгледа многу поразлично од начинот на кој се боревме со последните“, во неговиот прв главен говор за политика.
Кисинџер рече дека иако нуклеарното оружје е веќе доволно големо за да го оштети целиот свет за време на студената војна, напредокот во нуклеарната технологија и вештачката интелигенција – каде Кина и САД се лидери – ја умножија заканата за судниот ден.
„За прв пат во историјата на човештвото, човештвото има капацитет да се изгасне во конечен временски период“, рече Кисинџер.
„Ние развивме технологија на моќ што е над она што некој го замислуваше дури и пред 70 години“.
„И сега, на нуклеарното прашање му е додадено и hi-tech-прашањето, кое во областа на вештачката интелигенција, во својата суштина се заснова на фактот дека човекот станува партнер на машините и дека машините можат сами да развиваат своја проценка“, рече тој кажа.
„Значи, во воен конфликт меѓу високо-технолошките сили, тоа има огромно значење“.
Студената војна меѓу САД и Советскиот сојуз во текот на децениите по Втората светска војна беше повеќе еднодимензионална, насочена кон конкуренцијата на нуклеарно оружје, рече Кисинџер, еден од водечките стратешки мислители во последните шест децении.
„Советскиот сојуз немаше економски капацитет. Тие имаа воен технолошки капацитет“, рече тој.
„(Тие) немаа развојен технолошки капацитет како Кина. Кина е огромна економска моќ покрај тоа што е значајна воена моќ“.
Кисинџер рече дека политиката на САД кон Кина мора да заземе двостран пристап: да остане цврста на американските принципи да бара почит од Кина, притоа одржувајќи постојан дијалог и наоѓајќи области за соработка.
„Не велам дека дипломатијата секогаш ќе води до корисни резултати“, рече тој.
„Ова е комплексна задача што ја имаме… Никој не успеа да го стори тоа целосно“, рече тој. (Според агенциите)