Кинезите ја градат најголемата турбина на ветер во светот


Кинеската компанија MingYang Smart Energy ја претстави најголемата крајбрежна турбина на ветер MySE 16.0-242, со висина од 242 метри и капацитет од 16 мегавати, која може самостојно да напојува 20 илјади домаќинства во предвидениот период на употреба од 25 години.

Овој гигант за генерирање енергија од обновливи извори доаѓа со навистина неверојатни карактеристики, па кога следната година ќе почне да врти првиот прототип, неговите три сечила од 118 метри ќе ја „пресечат“ воздушната површина од 46 илјади квадратни метри, што е повеќе од шест фудбалски игралишта.
Кинезите велат дека новите турбини од ваков тип ќе генерираат околу 89 гигават часови енергија годишно, што е за 45 проценти повеќе од претходната генерација MySE 11.0-203, иако се поголеми за само 19 проценти.

Ова укажува дека постои оправданост за изградба на поголеми турбини на ветер, бидејќи колку се поголеми, толку повеќе енергија генерираат, па се исплатува да се инвестира во нив многу повеќе отколку во многу помалите за да се добие иста количина енергија.

Новата турбина на ветер, исто така, ќе ги намали трошоците за производство на енергија од крајбрежните електрани. Постоечките трошоци за енергија од такви електрани, според студијата на американското Министерство за енергија, значително ги надминуваат оние од електраните на јаглен бидејќи за да се генерира еден мегават, треба да се инвестираат 120,52 американски долари, наспроти 72,78 долари за мегават од електрана на јаглен и 32,78 долари од електраните кои ја користат сончевата енергија.