Кинескиот извоз во јули порасна за 7,2 отсто и покрај тековните трговски тензии со САД


Кинескиот извоз во јули порасна за 7,2 отсто на годишно ниво, надминувајќи ги прогнозите на аналитичарите во услови на постојани глобални трговски тензии, покажаа денеска податоците од кинеската царина.

Увозот, исто така, се зголеми за 4,1 проценти, што е повеќе од очекуваното.

Сепак, трговските текови варираа во зависност од регионот. Извозот во Соединетите Американски Држави нагло се намали за 21,7 посто во споредба со претходната година, продолжувајќи го стрмниот пад забележан во јуни.

Кинеските извозници го компензираа овој пад со зголемување на испораките на други пазари, при што извозот во Европската Унија се зголеми за 9,3 отсто, а испораките до групата АСЕАН од 10 земји од Југоисточна Азија се зголемија за 16,6 проценти. 

САД и Кина остануваат во преговори за решавање на нивниот продолжен трговски спор. Останува нејасно дали тековната пауза од царините, која треба да истече на 12 август, ќе биде продолжена.

Од април, САД постепено ги зголемуваат царините за кинески стоки до 145 посто, што предизвика одмазднички царини од Кина до 125 проценти, како и контрола на извозот на клучни стратешки материјали. Двете страни се согласија во мај за 90-дневна суспензија на новите царини.