Кина речиси ги престигна САД. Станува главен трговски партнер на Германија

Во првата половина од 2025 година, Кина речиси ги престигна САД како главен трговски партнер на Германија, покажаа прелиминарните податоци од Германскиот федерален завод за статистика, бидејќи германскиот извоз во САД падна под влијание на повисоките царини.
Во периодот од јануари до јуни, вредноста на германската трговија со САД изнесуваше 126,5 милијарди евра, додека вредноста на трговијата со Кина достигна 125 милијарди евра, според сезонски и календарски прилагодените податоци од Дестатис.
„Иако САД успеаја да ја одбранат својата позиција како најважен трговски партнер на Германија, предноста во однос на германската трговија со Кина е исклучително мала“, рече Винсент Стамер, економист во германската Комерцбанк.
САД ја презедоа улогата на најголем трговски партнер на Германија во 2024 година, кога ја симнаа од тронот Кина, која ја држеше таа позиција осум години по ред. Овој потег доаѓа во време кога Берлин се обидува да ја намали својата зависност од Кина, наведувајќи ги политичките разлики и обвинувајќи го Пекинг за нефер практики.
Сè се промени откако се врати Трамп
Сепак, трговската динамика повторно се промени на почетокот на оваа година кога Доналд Трамп се врати во Белата куќа и повторно воведе тарифи. Според трговскиот договор постигнат меѓу САД и ЕУ во јули, повеќето производи увезени во САД ќе бидат предмет на тарифа од 15 проценти.
„Во остатокот од годината, германскиот извоз во САД веројатно ќе продолжи да опаѓа, можеби поостро отколку досега“, рече Јирген Матес, раководител на меѓународната економска политика во Германскиот економски институт во Келн.
Вредноста на германскиот извоз во САД во првата половина од годината изнесуваше 78,9 милијарди евра, што е за 3,1 процент пониско отколку во истиот период минатата година, покажуваат сезонски и календарски прилагодените податоци.
Германскиот увоз од САД, сепак, достигна вредност од 47,6 милијарди долари, што е за 3,5 проценти повеќе од првата половина на 2024 година. Американските тарифи ќе го забават германскиот извоз во САД за 20 до 25 проценти во текот на следните две години, очекува Комерцбанк. „Како резултат на тоа, Кина веројатно ќе го врати првото место како најголем трговски партнер на Германија оваа година“, рече Стамер.
Увозот од Кина скокна
Вредноста на германскиот увоз од Кина скокна за 11,2 проценти на годишно ниво во првата половина од годината, достигнувајќи 83,3 милијарди евра. „Се чини дека на германските компании и потрошувачи им е тешко да најдат алтернатива на кинеските стоки“, рече Стамер.
Зголемувањето може да сигнализира дека Кина почнала да ги пренасочува стоките од американскиот пазар кон Европа, преплавувајќи ги германските и европските пазари со поевтини производи, рече Карстен Брзески, еден од раководителите на фирмата за економски истражувања ING.
Значителниот пад на вредноста на јуанот во однос на еврото придонесува за поевтинување на кинескиот увоз, рече Матес.
Вредноста на германскиот извоз во Кина се намали за 13,5 проценти, на 41,7 милијарди евра, бидејќи извозниците се борат со зголемената конкуренција од кинеските производители.
Силниот раст на увозот во комбинација со нагло намалување на извозот предизвика Германија да има трговски дефицит со Кина од 41,6 милијарди евра. Поизразен дефицит е забележан дури во 2022 година. „Сите овие промени ѝ штетат на германската економија и ја продлабочуваат индустриската криза“, вели Матес.