Кина и Индија договорија летови, инвестиции и повлекување на војската од границата

Индија и Кина постигнаа договор за продолжување на директните летови, зголемување на трговската и инвестициската соработка, како и повлекување на дел од војската долж Хималаите, во обид да ги обноват односите нарушени од вооружениот судир во 2020 година.
Договорот е постигнат по посетата на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на Њу Делхи, каде што имаше разговори со индискиот советник за национална безбедност Аџит Довал. Претходно, тој имаше средба и со индискиот премиер Нарендра Моди, кој го поздрави „постојаниот напредок“ постигнат во подобрувањето на односите меѓу двете азиски сили по години тензии.
Двете страни се согласија да основаат работна група за координација на граничните прашања и продолжување на преговорите за демаркација. Кинеското МНР соопшти дека механизмот ќе ги опфати источниот и централниот дел од границата, а за западниот дел наскоро ќе се одржи нова рунда разговори.
Договорен е и нов состанок во Кина во 2026 година.
Индискиот премиер Нарендра Моди по средбата, преку објава на Икс порача дека „стабилни и конструктивни односи меѓу Индија и Кина значително ќе придонесат за регионален и глобален мир“. Тој, кон крајот на месецот, патува во Кина на Самитот на Шангајската организација за соработка – негов прв во последните седум години.
„Развојот на стабилни и здрави односи е од суштински интерес за двата народа. Треба да го зајакнеме меѓусебното доверие преку дијалог и да ја прошириме соработката“, изјави министерот Ванг.