Кавадаречките пожарникари изминатиов викенд имале над 20 интервенции

Кавадаречките пожарникари изминатиов викенд имале над 20 интервенции, информираа вечерва од Територијалната противпожарна единица Кавадарци.
-За жал сезоната на т.н полски пожари започна многу порано оваа година. ТППЕ Кавадарци само за овој викенд имаше пријави за преку 20 интервенции. Беа запалени стрништа, сува трава, жбун, но делумно настрадаа и долгогодишни овоштарски насади, за кои, според оштетените, ќе има кривични пријави за причинителите, за жал несовесни комшии, соопштија од Противпожарната единица.
Оттаму истакнаа дека ТППЕ Кавадарци истовремено интервенирала на неколку места каде што имало пожари. Се интервенирало во атарите на селата Рибарци, Бохула, Сопот, Дреновска клисура, Ресава, Марена, Трстеник, Дебриште, Возарци, Фариш, Дабниште и на висорамнина Катуниште.
-Во меѓувреме се гаснеа и запалени контејнери, за дополнително да не се загадува градот. Покрај целиот притисок, нашите пожарникари интервенираа и на запалена куќа во центарот на градот, каде што само поради добрата организираност и брзата интервенција, е спречена голема катастрофа, не дозволивме нашите сограѓани да останат без својот дом, нагласија од Противпожарната служба.
Од ТППЕ апелираа да не се палат стрништа, да не се дојде до поголема катастрофа, но и да се зачуваат природата и чистиот воздух.