Силјановска сама на инагурацијата, не дојдоа претседатели од регионот
На денешната церемонија не присуствуваа лидерите на соседните земји, Бугарија, Србија и Албанија и Косово, за разлика од заклетвата на Стево Пендаровски, каде беше присутен и бугарскиот претседател Румен Радев. Грчки „Катимерини“ објави дека овие држави тврдат дека, наводно, не ги добиле поканите навремено.
Инаугурацијата на Пендаровски пред точно пет години ги седна еден до друг двајцата поранешни претседатели, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, а на церемонијата присуствуваше и Вилма Трајковска, сопругата на покојниот претседател, Борис Трајковски.

Високите странски гости ја следеа церемонијата од галеријата од Собранието, а во своето обраќање Пендаровски поединечно им се обрати на четворицата колеги од регионот кои дојдоа на инаугурацијата по азбучниот ред на државата од која доаѓаат. Прв беше претседателот на Албанија, Илир Мета, потоа претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој беше седнат меѓу двајцата политички противници, српскиот претседател, Александар Вучиќ и косовскиот, Хашим Тачи.
Пендаровски ги поздрави министрите за надворешни работи на Црна Гора и на Грција, Срѓан Дармановиќ и Јоргос Катругалос, замениците-министри на Полска и Турција и високиот претставник од кабинетот на словенечкиот претседател Борут Пахор. Најсрдечен во отпоздравувањето беше турскиот министер Фарук Кајмакчи. Македонските новинари тогаш ја следеа церемонијата и обраќањето од прес-центарот преку ТВ-екрани, заедно со странски новинари, најмногу од регионот, а најмногубројни беа бугарските новинари.