Карпош овозможи бесплатни часови за дигитална писменост за повозрасните


Во вторникот, се одржа последниот час од бесплатните обуки за дигитална писменост и економска инволвираност, кои беа реализирани како дел од проектот од годишната Програма за еднакви можности меѓу жените и мажите на Општина Карпош.

Обуките, активно ги следеа 25 лица од три категории, вклучувајќи ги постарите жители на Карпош, лица во социјален ризик, како и граѓани од маргинализираните групи.

Предавањата беа распоредени во текот на 12 недели во траење од 90 минути по сесија. Во рамки на обуките, присутните се стекнаа со практични искуства за користење на електронските уреди, пребарување на интернет мрежите, притоа, совладувајќи ги современите техники за управување со електронското банкарство и безбедно користење на јавните електронски услуги.

Во оваа пригода учесниците добија и лиценцирани сертификати за посетување на обуките, со што ги унапредија своите дигитални вештини кои се неопходни во современиот свет на комуницирање.