„Карфур“ го напушта полскиот пазар


Полскиот малопродажен пазар е во превирања по медиумските извештаи дека познатиот малопродажен синџир „Карфур“ има намера да ги продаде своите продавници во земјата.

Неодамна, полското Министерство за земјоделство му препорача на министерот за државен имот да ѝ дозволи на националната група за храна „КГС“ да ги преземе операциите на францускиот трговец на мало „Карфур“ во земјата. Групацијата е создадена во 2002 година со спојување на разни државни компании во земјоделскиот сектор и е најпозната по производството на шеќер, пишува „Еуроактив“, додавајќи дека „Карфур“ изјавил дека нема да коментира „гласини“, а КГС исто така одбил да коментира.

„Карфур“ управува со околу 750 продавници во Полска, вклучувајќи 90 хипермаркети, 150 супермаркети, 500 помали продавници и 40 трговски центри. Веќе некое време кружат гласини дека трговецот на мало сака да ја напушти земјата, пишува европскиот специјализиран портал „Ретејлдетал“.

– Останува да се види дали полската влада ќе ја преземе контролата врз компанијата, бидејќи постои значителен интерес и од меѓународни малопродажни групи, вклучувајќи ги и лидерите на пазарот – наведува порталот.

Националниот совет на земјоделски комори (KRIR) претходно апелираше до полската влада да ја искористи оваа ситуација и државата, преку домашна група, да го преземе синџирот, нагласувајќи дека ова би била можност за враќање на дел од контролата врз пазарот на храна.

Според KRIR, преземањето на продавниците со домашен капитал би можело да го зголеми уделот на полските производи во малопродажбата, да ја подобри позицијата на земјоделците и да ги стабилизира цените на храната.

– Ова е можност што можеби нема да се повтори – се наведува во писмото на ова национално тело упатено до Министерството за земјоделство, и се нагласува дека, доколку се случи ова, домашните земјоделци би можеле да го планираат својот бизнис бидејќи, како што нагласија, во сегашниот пазарен систем, цените на земјоделските производи во голема мера зависат од политиката на купување на големите меѓународни малопродажни синџири.

Сепак, некои земјоделци се скептични во врска со извештаите за наводен план за преземање на синџирите „Карфур“.

„Тоа е невозможен сон“, рече Марчин Вронски од Земјоделското здружение Самообрана. Иако идејата „Карфур“ да биде преземен од Националната група за храна би ја зајакнала позицијата на полската храна на полиците во продавниците, Вронски вели дека земјоделците не веруваат во такво сценарио бидејќи „со години слушаат за државни купувања на големи синџири, а на крајот немаше ништо слично на оваа вест“, објави полскиот портал „Агроњуз“. Вронски верува дека „Карфур“ би бил премногу за Националната група за храна, која долго време се бори со загуби. Според него, владата треба да се фокусира на вистинска контрола на увозот на стоки и ефикасна борба против измамите со храна.