Капетанот уапсен поради несреќата во Дунав и претходно предизвикал судар
Украинскиот капетан на крузерот, кој се судри со помал брод со туристи на Дунав минатата недела, бил капетан на брод во Холандија кој предизвикал несреќа во таа земја во април, соопшти унгарското Обвинителство.
Во соопштението се наведува дека е утврдено дека капетанот „ги избришал податоците од својот телефон“ по сударот во Будимпешта.
Адвокатите на уапсениот капетан велат дека „тој е длабоко потресен од тоа што се случи“, меѓутоа додаваат дека не направил никаква грешка.
Унгарската полиција соопшти дека се извлечени уште тела од Дунав, со што бројот на загинати во судирот на туристички брод и крузер во Будимпешта се зголеми на 19 лица.
Осум јужнокорејски туристи и еден член на екипажот и натаму се водат како исчезнати.
Само седум туристи ја преживеаја несреќата, што се случи на 29 мај.
Локалните медиуми јавија дека туристичкиот брод во наредните денови би можел да биде извлечен од водата со голема дигалка.