Унгарија не ги блокира преговорите за пристапување на Украина во ЕУ, тврди амбасадорот на Киев во ЕУ
Тарас Качка, амбасадорот на Украина во Европската унија, изјави дека Унгарија не изнела никакви нови суштински забелешки во врска со отворањето на преостанатите два преговарачки кластери во процесот на пристапување на Украина во ЕУ. Тој изрази уверување дека овие кластери би можеле да бидат отворени до крајот на годината.
Качка ги даде овие изјави во своето прво интервју откако ја презеде новата функција – во разговор за програмата Europe Today на Euronews – во пресрет на најновата оценка на Европската комисија за проширувањето, која треба да биде објавена во среда.
Осврнувајќи се на ставот на Будимпешта, Качка истакна дека терминот „блокада“ е неточен, бидејќи Унгарија едноставно побарала дополнително време за разгледување на документацијата поврзана со следната фаза од преговорите.
Неговите коментари доаѓаат по извештаите дека, за време на состаноците на работните групи на Советот на ЕУ на 20 и 27 октомври, Унгарија не дала согласност во врска со резултатите од скринингот за преостанатите два кластери – иако претходно, во текот на истиот месец, ги повлекла своите забелешки за два други кластери. На прашањето дали ставот на Будимпешта сè уште е поврзан со правата на националните малцинства во областа на образованието – што долго време беше предмет на несогласување меѓу двете земји – Качка изјави дека ова прашање е решено.
„Нема никакви суштински барања, несогласувања или загрижености“, рече тој, објаснувајќи дека преостанува само разгледување на документација во обем од неколку стотици страници.
Во октомври, Украина ја измени својата законска регулатива во однос на образованието за националните малцинства, со што се отвори патот за почеток на преговорите за уште два кластери. Со ова, вкупниот број на отворени кластери би достигнал четири од вкупно шест. Качка потврди дека изменетите правила веќе се применуваат во украинските училишта, повторувајќи дека ова прашање е решено одамна.
Украина останува на својот план преговорите да ги заврши до 2027 или 2028 година.
Качка повтори дека Киев има намера да ги заврши преговорите за пристапување во ЕУ до 2027 или 2028 година, при што постои можност процесот да заврши и порано, доколку домашните реформи напредуваат побрзо од очекуваното.
„Сè уште се држам до 2027 и 2028 година како целни датуми за завршување на преговорите – можеби дури и порано, во зависност од тоа како ќе се одвива ситуацијата во Украина“, изјави тој за „Еуроњуз“ (Euronews).
Тој објасни дека, поради тековната војна што ја води Русија, Украина чувствува поголема итност во однос на процесот на пристапување, за разлика од земјите-членки на ЕУ. Секојдневните напади и борбите долж линијата на фронтот, истакна тој, дополнително го зголемуваат притисокот за забрзување на преговорите.
Качка призна дека имало критики во врска со доцнењето на украинскиот парламент во усвојувањето на законодавството поврзано со европските интеграции, но ги отфрли тврдењата дека тоа претставува намерен обид за забавување на процесот. Тој укажа на тешкотиите при носењето закони во воени услови, вклучително и прекините на парламентарните седници поради предупредувања за воздушни напади и руските удари врз Киев. Сепак, тој напомена дека соработката меѓу владата и парламентот е подобрена во последните недели и очекува реформите да се забрзаат.
Тој изјави дека не гледа никакви суштински пречки и изрази надеж дека проценката на Европската комисија за проширувањето ќе потврди оти Украина е способна да го усвои потребното законодавство до крајот на 2027 година.Качка повтори дека Украина ја отфрла опцијата за придружно членство во ЕУ како алтернатива на полноправното членство, иако слични модели на соработка се разгледуваат за земји како Канада. Тој оцени дека Украина, заедно со Молдавија, Црна Гора и Албанија, спаѓа во земјите што имаат постигнато најголем напредок на патот кон полноправно членство.
„ЕУ нè гледа како предводници во процесот на проширување, па затоа нема потреба да бараме алтернативни решенија“, рече тој.
Според него, придружното членство е посоодветно за земји кои сакаат поблиско партнерство со ЕУ, но немаат намера да станат земји-членки. Сепак, тој призна дека предлозите за поинтензивна соработка пред пристапувањето – особено во областите на одбраната, безбедноста и финансиската поддршка – би можеле да бидат корисни, под услов да не ја заменат целта за полноправно членство. Качка призна дека земјоделството – една од најчувствителните области во преговорите за пристапување на Украина во ЕУ – ќе биде едно од најсложените прашања за решавање. Сепак, тој ја отфрли потребата од долги преодни периоди или широки ограничувања за влезот на украински земјоделски производи на пазарот на ЕУ.
„Сметам дека нема потреба од некаков долг преоден период“, рече тој.
Тој се согласи дека можеби ќе бидат потребни посебни аранжмани за чувствителните производи, како што е пченицата, но остана на ставот дека за поголемиот дел од земјоделските производи не би требало да има дополнителни ограничувања.