„Канцер мафија“, „бизнис пајташ“, „етнотрибализам“, „Груевистички“ – со овие неологизми нѐ трујат политичарите


Изложеноста на граѓаните на штетни наративи е голема, покажува новата монографија „Наративна стапица: откривање на штетни(те) наративи кај политичарите и медиумите“ на Институтот за комуникациски студии (ИКС). Според анализата, доколку еден граѓанин ги следи интернет-страниците, порталите и фејсбук профилите на политичките актери, во еден ден ќе биде изложен на 33 штетни наративи. Дополнително, истражувањето открива дека политичарите често користат неологизми во својот дискурс, со цел манипулација и конструирање на јазична реалност.

Во рамките на научниот собир за монографијата што се одржа денеска во Скопје, м-р Јорданка Черепналкова Трајкоска, од ИКС информира дека најчесто штетните наративи имаат за цел да ја поткопаат довербата, да селектираат пристапно, да напаѓаат на лична основа, да поттикнуваат поделби и да шират дезинформации.

-Штетен наратив е тој кој што не прави ништо добро за граѓаните и за општеството. Може да доведе до поделби, до поткопување на довербата, односно да го разорува општественото ткиво. Другата работа која што ќе биде денеска презентирана се резултатите од дискурзивната анализа, анализата на содржина на зборовите и на неологизмите. Имаме богатство на нови зборови креирани од политичарите кои се исто така во контекст на штетните наративи, но и употреба на емотивни зборови кои поттикнуваат силни емоции за да можат да го „купат“ граѓанинот,“ вели таа.

Дополнува дека во политичкиот сектор како да нема филтер и како да се заборавени професионалните стандарди на медиумско известување.

Ас. м-р Теа Конеска-Василевска, од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, УКИМ, нагласи дека еден од главните инструменти што ги користат политичарите кај нас е јазикот, односно специфичната употреба на вербалните средства.

-Политичките актери стратегиски и манипулативно конструираат одредена јазична реалност, а еден од начините да ја конструираат таа реалност е употребата на неологизмите во политичкиот дискурс, рече таа.

Конеска Василевска информираше дека од индивидуални политички актери најмногу од неологизмите се однесуваат на Талат Џафери, додека, од аспект на партии, на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ.

Според монографијата, најмногу неологизми употребува Левица (25), следена од ВМРО-ДПМНЕ (14), Демократско движење (4) и СДСМ (2). Најчестите неологизми вклучуваат термини како „канцер мафија“, „бизнис пајташ“ и „тендер политиките“ од ВМРО-ДПМНЕ, „казино партија“ и „казиноман“ од Демократско движење, „етнотрибализам“ и „премиерот терорист“ од Левица, како и „Груевистички“ од СДСМ. Овие термини често се користат за критика на политички противници и за манипулативно конструирање на јазична реалност.

Истражувањето и монографијата ги дефинираат не само комуникациските стратегии на политичките актери туку и растечката тенденција за негување негативен јавен дискурс. Доминантната негативна реторика е дополнително засилена преку медиумите (телевизиите и онлајн медиумите) кои не ги почитуваат доследно новинарските професионални стандарди кога информираат за политичките случувања.

Во целина, заклучните согледувања во монографијата предупредуваат на сериозна политичка штетна реторика која го загадува јавниот комуникациски простор, со што атакува на демократијата и на демократските вредности.

Во таа насока се препораките дадени на крајот на монографијата, односно за почитување на постоечките домашни и меѓународни обврзувачки документи (декларации, закони, препораки, кодекси) кои ги дефинираат стандардите и начелата во политичката комуникација.

Од политичките актери се бара транспарентност, достапност до медиумите, професионалност, непристрасност и застапување на јавниот интерес во комуникацијата, да не бидат извор и да не шират дезинформации, забрана за користење на говор на омраза и дискриминирачки говор.

Од медиумите се бара независност, автономија, непристрасност, точност, транспарентност и конструктивност.