Каматата на европскиот меѓубанкарски пазар на историски најниско ниво


Дванаесетмесечната референтна каматна стапка Еурибор (Euro Interbank Offered Rate) што се користи како референца за пресметување на каматните стапки падна на ново најниско ниво од минус 0,398 отсто минатата недела.

Тримесечната стапка на Еурибор исто така падна на рекордно ниско ниво од минус 0,491 отсто, јавија агенциите.

Рекордниот пад на одредницата Еурибор беше поттикнат од напорите на Европската централна банка (ЕЦБ) да обезбеди финансирање на банките во обид да се спротивстави на економската закана што ја предизвикува пандемијата.

Пред помалку од четири месеци, соодветната стапка Еурибор која се креира на европскиот меѓубанкарски пазар (и по која банките си позајмуваат средства меѓу себе) достигна врв за четири години откако пазарот се загрижи заради економското влијание на корона вирусот. Сепак, каматните стапки почнаа да паѓаат откако ЕЦБ во јуни започна со целно финансирање во износ од 1.310 милијарди евра.

Тримесечниот Еурибор кој ја одредува цената на банкарските заеми, падна за околу десет основни поени од јуни.

Доколку се исполнети одредени услови, каматната стапка што се наплатува на банките може да биде и до минус еден отсто, што значи дека во пракса централната банка им плаќа на банките за средствата што ги позајмува.

– Најниската точка е предизвикана од финансирањето на TLTRO (The targeted longer-term refinancing operations – TLTRO – операции за долгорочно таргетирано рефинансирање) и купувањето и продажбата на хартии од вредност од страна на ЕЦБ, а не од очекувањата за намалување на каматните стапки, изјави аналитичарот на Futures First, Риши Мишра за „Блумберг“.

Стапката на Еурибор првпат падна на негативна територија во февруари 2016 година, бидејќи со политиката на квантитативни олеснување Европската централна банка се обидуваше да ја зајакне економијата на еврозоната.