Калиопи за дуетот со Жељко Самарџиќ: Исто како и во љубовта – не се дели перницата со секој
Секоја приказна која со себе ја носи Калиопи е на свој начин впечатлива и уникатна. Долги години ја немаше на концерт во Македонија, па се случи велешкиот минатата година, и општиот впечаток на многумина беше дека и кога не е присутна, таа е присутна – како постојано да настапува на концерти кај нас. Долги години немаше нова песна, па се случи „Знам“, дуетот со Жељко Самарџиќ, балада која на прва го освои регионот. Своевремено пееше „Не ми го земај времето“, а времето за Калиопи како да не постои. Времето не ѝ го зема Ромео Грил, некогаш сопруг, а денес близок пријател и најверен соработник, времето остана на нејзина страна и кога е изгледот во прашање, една насмевка и фотографија без шминка на Инстаграм за неа е повредна од милион филтери.
Во ексклузивното интервју за „Слободен печат“, Калиопи зборува за својата музика, за покојниот татко, за синот Пако, за Ромео некогаш и сега, но открива и дека е подготвена некој повторно да ѝ го освои срцето.