Калиопи на предевровизиски настан во Мадрид: Глас и стил


Поп-ѕвездата Калиопи која ретко ја гледаме на концерти во Македонија, воодушеви и со својот глас, но и со својот стајлинг во текот на престојот во Мадрид, Шпанија.

Како поранешна учесничка на Евросонг, 2012 година Калиопи настапи на Евровизија и го освои 13. место со песната „Црно и бело“, а во 2016 година со песната „Дона “, присуствуваше на предевровизиски настан во Мадрид. Облечена во јоргован-виолетово палто во комбинација со нејзината омилена црна боја, Калиопи изгледаше одлично.

Калиопи, освен своите евровизиски хитови „Црно и бело“ и „Дона“, изведе и една шпанска песна, на огромна радост на тамошната публика.

На предевровизиската забава настапувале и хрватските претставници на Евровизија, групата „Лет 3“, српскиот претставник Лука Ивановиќ (познат под уметничкото име Лук Блек), минатогодишната евровизиска претставничка на Србија, Констракта, главната фаворитка на годинешната Евровизија- шведската претставничка Лорин, а евровизиските обожаватели имале можност да ја видат и слушнат украинската победничка на Евровизија во 2004 година, славната Руслана.

Калиопи во текот на престојот во Мадрид, се дружела со бројните евровизиски обожаватели, делела автограми и давала интервјуа.

Годинава, Евросонг се одржува во Ливерпул, Англија. Првата вечер ќе се одржи во вторник, 9 мај, во 20 часот. Втората полуфинална вечер е во четврток, 11 мај.

Во првото полуфинале се натпреваруваат вкупно 15 земји, од ексЈу Хрватска и Србија. Полуфиналето ќе го отвори еден од фаворитите на годинешното натпреварување – Норвешка, а ќе заврши со уште еден голем фаворит – Финска.

Второто полуфинале ќе го отвори Данска, а ќе заврши со Австралија. Од ексЈу настапува Словенија.

Ќе се квалификуваат десетте најдобри земји од секое полуфинале, кои ќе се сретнат со големата петорка, како и со минатогодишниот победник Украина во големото финале во сабота на 13 мај.

Цените на билетите кои се пуштени во продажба започнуваат од 30 британски фунти (33,7 евра), а најскапите чинат 380 фунти (427,3 евра), пренесува Sky News.

Од Македонската Радио Телевизија лани соопштија дека годинава Македонија нема да учествува на Евросонг, поради енергетската криза. И други земји од регионот се откажаа заради високите трошоци.

Но, МРТ на своите сервиси ќе ја пренесува манифестацијата, двете полуфинални вечери и големото финале. Од МРТ се надевааат дека состојбата ќе се стабилизира, по што земјава повторно ќе се врати со учество на Евровизија во 2024 година.