Калиопи, една и единствена: Море од емоции на четвртиот распродаден концерт во Филхармонија

Калиопи е една и единствена, таа целосно се предава на публиката и без оглед дали има повеќе концерти, секој од нив е посебен


(Фото: Инстаграм, Прагма продукција)

Македонската поп дива Калиопи синоќа триумфално ја заврши серијата од четири распродадени концерти во Филхармонија, потврдувајќи го статусот на водечка ѕвезда на македонското естрадно небо. На нешто повеќе од 24 часа пред новогодишната ноќ, Калиопи испорача незаборавен настап, полн со емоции и навраќање на нејзината долгогодишна кариера, но истовремено оддавајќи почит и на македонската музика преку колаж од песни изведени на Скопскиот фестивал. Посебна екслузивност на завршниот од серијата концерти беше гостувањето на Слаткаристика, при што премиерно беше изведена нивна заедничка музичка нумера.

Низ повеќе од 2,5 часовниот концерт Калиопи се „прошета“ низ нејзината богата музичка кариера, најавувајќи за идната година во октомври јубилеен концерт во арената „Борис Трајковски“ на кој ќе одбележи 50 години од нејзиниот прв настап на музичката сцена, на фестивалот Златно славејче.

(Фото: Инстаграм, Прагма продукција)

Калиопи е музичка ѕвезда која ги надминува границите на нашата земја. Многумина кои редовно одат на концерти, велат дека вакви емоции ретко можат да се видат и на настапи на многу познати светски музички ѕвезди. Калиопи е една и единствена, таа целосно се предава на публиката и како што вели, без оглед дали има повеќе концерти со исти нумери, секој од нив е посебен, бидејќи разликата ја прави токму публиката.

А, публиката, вчера беше навистина еуфорична. По првите музички нумери, Калиопи воспостави само за неа својствена интеракција со присутните, па рече дека ако на почетокот (на концертот), присутните делувале како да се гладни, на крајот почувствувала дека „жива ќе биде изедена“.

 
 
 
 
 
View this post on Instagram
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Pragma Music Entertainment (@pragmaproduction)

Калиопи ги „однесе“ присутните низ целата своја импозантна кариера, при што во неколку наврати го спомена нејзиниот екс-сопруг Ромео Грил кој за неа ги има компонирано најубавите песни. Во еден момент рече дека е тешко да се направи репертоар за концерт од многуте нумери кои ја одбележаа нејзината речиси петдецениска кариера, па во еден дел од настапот направи колаж од повеќе нејзини нумери, а истото го повтори и во вториот дел од концертот со песни кои го одбележаа Скопскиот фестивал, од македонски и екс-ју ѕвезди кои пееја на македонски јазик, што дополнително ја подгреа и онака одличната атмосфера во Филхармонија.

Посебен белег вчера беше настапот со Слаткаристика, кој беше во публиката заедно со сопругата Сања Николиќ, од каде што се придружи на заедничката песна со Калиопи, прво минувајќи низ публиката, а потоа се приклучи на сцената.

(Фото: Инстаграм, Прагма продукција)

По завршувањето на заедничкиот настап Калиопи рече дека нив двајца ги поврзува одликата, што се чисти во животот и во љубовта.

Калиопи во текот на ноември и декември одржа вкупно четири концерти во полната сала на Филхармонија, најавувајќи дека по две години ќе има сличен (акустичен) настап, но можеби со различен репертоар на секој од концертите.

 
 
 
 
 
View this post on Instagram
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Slatkaristika (@slatkaristika.official)

Извонредна поддршка на концертот имаше и од музичката придружба, а вчера за прв пат наместо квартет настапи и гудачки квинтет. Сите музичари, како и придружните вокали уживаа во настапот, а тоа се пренесе и на публиката која во повеќе наврати ги награди со громогласен аплауз.

(Фото: Инстаграм, Прагма продукција)

Во повеќе наврати присутните беа третиот придружен вокал, следејќи ги рефрените на нумерите на Калиопи. Крајот, се разбира, беше резервиран за безвременските „Црно и бело“ и „Бато“. Концертот беше во организација на „Прагма продукција“. (М.Ј.)