Какво изненадување ни подготвил премиерот Петков

Голем државнички и европски потег би бил ако Бугарија го симне ветото безусловно како почеток за воспоставување доверба, а билатералните проблеми да се решаваат во долгиот процес на преговори со ЕУ


(Колумна за Дојче веле)                                                                                                                                                                             

Ќе успеат ли новите влади и премиери на Бугарија и на Северна Македонија да ги вратат изгубените надежи со нов почеток на добрососедство и за воспоставување на вистински пријателски односи меѓу двете земји? Реалноста наложува голема воздржаност и покрај оптимистичките најави дека денешната посета на премиерот Кирил Петков на Скопје во многу нешта ќе биде поразлична и понадежна од досегашните, иако официјална Софија ѝ прати децидна „смирувачка“ порака на бугарската  јавност, и „вознемирувачка“ на македонската, дека нема отстапување од добро познатите бугарски ставови кои досега не дадоа резултати за симнување на ветото за почеток на преговорите на С. Македонија со ЕУ.

Морковот подготвен за Северна Македонија е дека ќе има сериозен предлог за нов пристап и нов процес кој во догледна иднина  ќе води кон воспоставување доверба и очекуваното прифатливо решение за двете страни. Премиерот Кирил Петков направи добар гест што својата прва официјална посета на странска држава ја резервира за средба со својот колега Димитар Ковачевски, практично во неговите први работни денови како новоименуван премиер на македонската влада. Во тоа има некоја симболика ако се има предвид и фактот дека посетата се совпаѓа со 30-годишнината кога Бугарија беше првата земја во светот која ја призна Македонија со тогашното уставно име. Петков веќе испрати порака пред да стаса во Скопје, дека двете влади ќе ги засукаат ракавите да го вратат потрошениот политички капитал од признавањето на Македонија. 

Можат ли Петков и Ковачевски како Заев и Ципрас? 

Двајцата премиери се исправени пред историска мисија да го скршат мразот како што тоа го направија премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас во 2018 година кога во Давос се додговорија дека ќе има заеднички прифатлив договор за разрешување на деценискиот спор меѓу Грција и Македонија. По ваквиот храбар и решителен политички саможртвувачки став, имајќи го предвид негативното располжение на мнозинството во грчката и македонска јавност,  уследија успешни преговори кои завршија со Преспанскиот договор и членството на Македонија во НАТО и исполнување на условите за почеток на преговорите со ЕУ кои на големо изненадување и разочарување, прво од Франција, па потоа и од Бугарија беа блокирани. 

Се разбира, работите со Бугарија се многу поразлични и по многу нешта потешки. Нејзината фактура е превисока  и ако остане на тие ставови  ненаплатлива. Неодамна еден бугарски историчар многу пластично тоа го објасни со фактот дека Грција не сака да има ништо заедничко со идентитетот на Македонците, а Бугарија наложува дека сѐ е заедничко, се мисли  бугарско, и историјата и јазикот и националната припадност се до 1945 година од кога по нивно толкување почнува новата македонска реалност и посебност.

Од друга страна, македонската влада во тој период од ерата на груевизмот, во потрага по пославно минато го прибра тројанскиот коњ среде Скопје за со политичка интервенција во науката и со баснословни стотици милиони евра на најсиромашниот народ во Европа, да докаже античко минато и антички идентитет, маргинализирајќи го словенското потекло за сега да се врати на неспорните словенски корени како најсилен историски научно докажан адут кои во Бугарија се превреднувани како бугарски и прабугарски. 

 Неповолен амбиент во двете земји за радикален пресврт

Во една ваква пат позиција, со многу стеснет простор за радикален пресврт во односите меѓу двете држави, премиерот Петков со својот тим доаѓа во Северна Македонија со голема најава и оптимизам за нов почеток и многу поразличен пристап за воспоставување меѓусебна доверба за реализација на потпишаниот и ратификуван Договор за добрососедство со формирање на работни групи во повеќе области кои ќе работат интензивно, иако не се лицитира со датуми, се подразбира  во прифатливо време во текот на првата половина на оваа година, конечно, по 20 години вечниот кандидат за членство во ЕУ ги почне преговорите со Брисел.

Меѓутоа, имајќи ги предвид големите притисоци и неповолниот амбиент во Бугарија и во Северна Македонија, со обвинувања за  предавства на националните интереси кои не доаѓаат само од опозицијата, туку превладуваат кај мнозинството граѓани, академски и интелектуални средини, со веќе изгласани декларации и резолуции во парламентите кои имаат црвени линии, тешко е да се верува дека е можен пресврт во односите меѓу двете држави.

Голем државнички и европски чин би било ако Бугарија безусловно го симне ветото како одличен почеток на воспоставување доверба,  а билатералните проблеми меѓу двете држави да се решаваат во пријателски и рамноправен дијалог независно во долгиот процес на преговори со ЕУ. Тоа би било вистинскиот државнички и лидерски потег на една членка на Европската унија кон својот сосед за кој јавно се декларира и презеде обврска да биде најголемиот поддржувач на европските интеграции на Северна Македонија, при што двете страни се согласни дека членството на Македонија во ЕУ е од голем политички, економски и културен интрес за двете држави и за целиот регион на западен Балкан.

Таквиот потег не само што ја враќа довербата, туку ги отвара вратите за решавање за сите спорни прашања. На што се потпира ваквиот, гледано од денешен аспект, нереален предлог кој доаѓа од повеќе страни, не само од С. Македонија. За денешната ситуација меѓу двете држави многу е поучна одлуката за признавањето на Македонија пред 30 години од страна на Бугарија. Неодамна, тогашниот премиер на Бугарија Филип Димитров, сега актуелен уставен судија, кажа неколку факти кои ја потврдија тогашната мудра и прагматична одлука на бугарската влада по најавата на Турција и на премиерот Сулејман Демирел дека ќе бидат први во светот кои ќе ја признаат независноста на Македонија без никакви условувања. Тоа ја мобилизираше бугарската влада да биде прва бидејќи тоа ќе претставува значаен придонес во односите меѓу двете земји. Ако Бугарија беше, на пример дваесетта држава што ја признава независноста на својот прв сосед тоа ќе го изгубеше значењето.

Сведоштвото на поранешниот премиер Димитров

Еве го мошне интересното и значајно  сведоштво што за тие драматични денови на носење одлука го искажа јавно поранешниот премиер Димитров: „Одлуката за безусловно признавање на Република Македонија од Бугарија на 15 јануари 1992 година ја соопштив на Народното собрание. Водечката причина за признавањето на независноста не беше прашањето дали да се признае Македонија, туку кога и како.

Војната во Хрватска и покрај прекинот на огнот на почетокот на јануари и опасноста од напад на непризнаената Македонија беше опиплива. Можете ли да замислите колкава маса бегалци ќе се упатеше кон Бугарија и колку би била неконтролирана ситуацијата кога би требало да се справиме со тоа? Знаевме дека Турција разговара за брзо признавање, но таа не би била директно засегната и само со решително однесување можевме да сметаме на привлекување меѓународна поддршка во таква ситуација. Нѐ знаеја како најверниот комунистички сателит. Набљудувајќи ги националистичките изблици во Грција, западните земји не знаеја што да очекуваат од нас и без наша јасна акција ќе заземеа став на чекање. Немаше време за двоумење.

Другата причина, не помалку важна за брзање беше тоа што не сакавме да ја разгориме националистичката реторика во Бугарија. Постоеја шанси за националистичка интоксикација. Тогаш последиците би биле погубни. А се работеше за иднината на Бугарија како западна земја. Грција веќе беше во семејството, додека ние сакавме да влеземе во Европа и НАТО, со ужасна репутација како најсоветскиот сателит на веќе распаднатиот Советски Сојуз.” 

За оваа историска одлука, сега актуелниот бугарски уставен судија Димитров вели дека според Уставот, само владата можела да одлучува за признавањето, а Парламентот и претседателот немале такви овластувања. Поранешниот бугарски премиер и актуелен уставен судија Филип Димитров, за сегашната ситуација меѓу Северна Македонија и Бугарија, вели дека решение постои ако барем едната страна, можеби посилната, дава позитивни сигнали, а ќе се постигне ако двете страни разговараат како рамноправни. 

„Не сум во позиција да и давам лекции на владата. Но, лично јас сум убеден дека нема начин да се договориме ако не разговараме како рамноправни, со меѓусебно почитување, и без вршење притисок… Проблеми и напрегања не може да нема, но тие се надминуваат со текот на времето, ако само еден, можеби посилниот, дава позитивни сигнали. Но, ако во поделено семејство некој удира со нога и вика: „Како не ме сакаш. Како ме сакаше пред десет години!” Звучи прилично смешно, нели? Љубов и почит не се бараат на суд –  рече во интервју за БГНЕС Димитров кој ја извршуваше премиерската функција меѓу 1991 и 1992 година. 

Популизмот и национализмот секогаш посилни од  разумот

Мислам дека ова е најдобриот патоказ во кој правец треба да се движат двете актуелни влади и како да ги градат меѓусебните односи двете соседни држави. Лидерството, или како што вели Димитров посилниот, во случајот Бугарија, треба да покаже дека ја носи одлуката самостојно, без надворешни притисоци, со безусловно симнување на блокадата кон Македонија што ќе овозможи брзо постигнување на компромиси прифатливи за двете страни околу билатералните прашања и недоразбирања. Ако продолжат пак долгите јалови расправи, условувања и пазарења, по залудно изгубеното време, двете страни ќе мора да се соочат со многу посилен притисок за да ја донесат истата одлука, бидејќи тоа станува значајно гоестратегиско прашање за иднината на целиот регион кое не може да се одолговлекува во недоглед.

Да, ова е говорот на разум и на интереси, но на Балканите, а гледаме и во Европа, тој во вакви ситуации и при здрава памет е силно условен од  популизмот и национализмот. Но, да се надеваме дека новите влади и премиери Петков и Ковачевски и при деликатни коалиции и силен јавен отпор ќе застанат на праведната страна на историјата и ќе најдат начини да ги остварат заедничките државни интереси. Надежта последна умира. 

(Линк до колумната овде)