Како земјите во светот се однесуваат кон фриленсерите


Во некои земји, регулативата со која се препознава работењето на фриленсерите, односно хонорарците е во сила речиси една деценија. На пример, на Малта, вработените се изедначуваат со фриленсерите, ако тие работат слична работа за работодавачот како стандардно вработените. Во Португалија нема целосно изедначување, но тие се законски заштитени во смисла на забрана за мобинг, дискриминација и безбедност при работа.

Сепак, она што беше главно прашање последниве денови во Србија е колку фриленсерите, односно хонорарците плаќаат даноци во другите земји и што добиваат за тоа. Бугарија, Романија и Полска често беа споменувани како „фриленс раеви“.

Романија

Во Романија, фриленсерите се регистрираат и склучуваат договори со своите работодавци. Тоа можат да го сторат преку договори за овластено физичко лице, што би било најслично на обврските што ги имаат претприемачите во Србија, или можат да склучат договор за авторско право, пренесува Startit.rs.

Данокот на приход на хонорарците во Романија е 16 проценти. Што се однесува до пензиското осигурување, тие можат да го платат целиот износ од 26,3 проценти, но исто така можат да платат и 10,5 проценти, што им ја намалува пензијата. Доколку заработат помалку од 300 евра, можат да одберат да не го плаќаат тоа осигурување, но тогаш немаат право на пензија.

Здравственото осигурување се решава поинаку и е задолжително. Тоа изнесува 5,5 проценти од приходот од претходната година и се плаќа четири пати годишно.

Бугарија

Бугарија често се споменува како земја каде што треба да се отвори фирма, бидејќи има најниски даноци во Европската унија. Основање д.о.о. во таа земја е околу 150 евра, а повеќе домашни компании нудат помош и посредуваат во процесот, со оглед на тоа што условите за основање на вакво правно лице се минимални.

Она што треба да го платите е данок на добивка на компанијата од 10 проценти, а ист процент се зема и на личните приходи. Данокот на дивиденда, ако одлучите да повлечете пари од компанијата на тој начин, е 5 проценти.

Германија

Германските фриленсери не плаќаат данок на добивка, но плаќаат данок на доход (од 14 до 42 отсто), како и ДДВ од 19 проценти, иако може да биде помал во зависност од услугата што ја даваат.

Што се однесува до социјалните права како што се пензиите и здравственото осигурување, тие немаат никакви обврски кон државата, но немаат никакви права, туку треба да се определат за некои од приватните фондови. Исто така, хонорарците таму не мора да се регистрираат.

Белгија

Во Белгија, фриленсерите поминуваат како домашни претприемачи кои водат книги. Данокот на доход е 25-50 проценти, во зависност од висината на заработката, а оние кои заработуваат повеќе од 25.000 евра годишно влегуваат во системот на ДДВ, што е 21 отсто.

Покрај тоа, постои социјално осигурување од околу 22 проценти, кое, како и во Романија, се плаќа четири пати годишно и ги опфаќа здравствениот, пензискиот, но и детскиот додаток и осигурувањето за бремени жени.

Полска

Во Полска, може да се случи налогодавачот да плати 20 отсто данок на услугите на фриленсерите, што може да влијае на намалување на договорениот надомест.

Начинот на кој е регулирана нивната работа е преку два вида договори со клиентите. Станува збор за договор за провизија, што може да биде пандан на овдешниот договор за дело, каде се наплатува услугата што се дава или договор за мандат, сличен на договорот за привремена работа, каде што се извршуваат одредени должности во рамките на одредено работно време.

Што се однесува до плаќањето на придонесите, според првиот вид на договор, тоа не е задолжително, додека во вториот случај тие ги покрива работодавачот.

Соединети Американски Држави

Според истражувањето спроведено од минатата година, 92 отсто од хонорарците во Америка не можат да земат одмор, но ваков проблем, со слободни денови во таа земја имаат и постојано вработените. Нивната просечна годишна плата со полно работно време, со повеќе од три години искуство, е нешто повеќе од 70.000 УСД.

Како што советуваа соговорниците на Форбс, даноците се толку комплицирани, како и законите, што треба да се ангажира даночен советник. Постои данок за социјално осигурување и здравствена заштита од 15,3 проценти, што го плаќа фриленсерот. Исто така, треба да се плати данок за самовработување, и тоа зависи од многу фактори, но кој не може да се снајде или не сака да плаќа сметководител, најдобро е да се намалат 30 проценти, а ако не се сигурни дури и 40 проценти.

Потоа, тука е данокот на проектираниот приодд, кој треба редовно да се плаќа, но неговиот износ е исто така променлив. Во зависност од градот и државата, може да има и дополнителни даноци, па затоа е тешко да се направи единствен пресек за тоа колку хонорарците изддвојуваат за даноци, но тоа секако е повеќе од 30 проценти.