Како светската побарувачка за кокаин го разгоре насилството во Еквадор

Еквадор, кој до неодамна се означуваше како „релативно мирна и безбедна земја“, полека се губи во бездната на бруталното насилство и зголеменото присуство на колумбиските и мексиканските нарко картели


Луѓето присутни на митингот на Фернандо Вилависенсио во засолниште кога се случнаа истрелите (Фото: АФП)

„Кога излезе пред вратата, го пречекаа куршуми. Беше застрелан во главата и немаше шанси да го спасат“.

Со овие зборови Карлос Фигуероа ја опиша егзекуцијата на еквадорскиот претседателски кандидат Фернандо Вилависенсио, човек кој гласно и бестрашно зборуваше за врските меѓу организираниот криминал и највисоките државни структури, ветувајќи дека ако ја добие власта, конечно ќе им згази на опашката на сите.

Не го достигна тоа. Ниту ќе може. Само неколку дена пред изборите, Вилависенсио беше застрелан со три истрели во глава додека го напушташе митингот организиран во рамките на претседателската кампања во главниот град на Еквадор. Убиен на лице место. Визијата за искоренување на корупцијата и криминалот што го наведоа да влезе во политиката на крајот го чинеше живот.

Еден месец претходно, за време на јавен настап, беше убиен и градоначалникот на Манта (град кој се наоѓа на пацифичкиот брег на земјата).

Еквадор, кој до неодамна се означуваше како „релативно мирна и безбедна земја“, полека се губи во бездната на бруталното насилство и зголеменото присуство на колумбиските и мексиканските нарко картели кои се инфилтрираа во локалните криминални банди.

„Политички гледано, оваа година е најнасилната во нашата историја“, изјави Аријана Танка, еквадорски политиколог за „Њујорк тајмс“. „Мислам дека ќе има промена во начинот на кој ја перципираме политиката и дека од овој момент таа ќе стане професија со висок ризик“.

Иако во периодот помеѓу 2005 и 2015 година, Еквадор доживеа целосна ренесанса, и иако милиони луѓе, јавајќи на бранот на нафтениот бум што се прелеа во сите други области на општеството, ја избегнаа сиромаштијата и немаштијата, земјата е сѐ повеќе доминирана од индустрија за трговија со дрога. Стапката на убиства достигна рекордно ниво, зачестија бомбашките напади, обезглавувањата, па дури и регрутирањето и убивањето деца пред нивните училишта. Во Еквадор за само една година беа запленети вкупно 210 тони дрога (соборувајќи го рекордот на земјата), а забележани се најмалку 4.500 убиства (уште еден неславен рекорд).

Целиот овој хаос беше поттикнат од порастот на светската побарувачка за кокаин. Многу политички лидери се фокусираа на сузбивање на лудоста за опоиди како што е фентанил (кој одзема околу 10.000 животи во САД секоја година), а за тоа време паметните латиноамерикански нарко-босови успеаја да го подигнат производството на кокаин на невидени нивоа.

Да нема забуна, дрогата не е непозната за Еквадор. Сместен меѓу најголемите светски производители на кокаин – Колумбија и Перу – долго време служеше како излезна точка за нелегални производи кои се движат кон Северна Америка и Европа, но благодарение на сè полабавиот надзор од страна на институциите за спроведување на законот, наскоро стана атрактивна база за производство и дистрибуција на дрога. Насилството доживеа експоненцијален бум, кулминирајќи во 2018 година кога локалните криминални групи се вклучија во битка за воспоставување подобри позиции во трговијата.

Убиениот претседателски кандидат Фернандо Вилависенсио

Тоа насилство првично беше ограничено на затворските кругови, кои станаа пренатрупани по заострување на казните за поседување дрога и зголемената употреба на притвор. Владата набрзо ја изгуби контролата над својот казнен систем, а затворениците почнаа да ги малтретираат другите затвореници, наплаќајќи им за кревети, обезбедување и други услуги. Така, затворите станаа оперативни бази за трговија со дрога.

Експертите велат дека во моментов најдоминантни во Еквадор се моќните мексикански картели Sinaloa и Jalisco Nueva Generacion, како и балканска група за која полицијата се сомнева дека потекнува од Албанија. Локалните улични и затворски банди наречени „Los Choneros“ и „Los Tiguerones“ се поврзани со меѓународни групи, координираат складирање, транспорт и други активности, соопшти полицијата. Кокаинот влегува во Еквадор од Колумбија и Перу, а потоа обично ја напушта земјата по море. Од околу 300.000 бродски контејнери кои го напуштаат едно од најпрометните пристаништа во Еквадор секој месец, властите можат да пребаруваат само 20 отсто од нив.

Вилависенсио, поранешен новинар и пратеник во еквадорскиот парламент, се обиде да се справи со тоа. Тој често се истакнуваше како докажан борец против „кореизмо“ (режимот на Рафаел Кореа, кој беше претседател од 2007 до 2017 година, но сè уште има огромна политичка моќ), доведувајќи ја неговата влада во врска со многу коруптивни активности. Поради ова беше цел на закани и малтретирање (непосредно пред атентатот добил три смртни закани), па краток дел од животот го помина во политички азил во Перу.

Актуелниот претседател на Еквадор, Гиљермо Ласо, осврнувајќи се на атентатот, рече дека ќе се одржат закажаните избори, но и дека ќе биде прогласена двомесечна вонредна состојба и дека вооружените сили ќе го обезбедуваат секое избирачко место.

„Сакам да им порачам на оние кои сакаат да ѝ се закануваат на земјата дека немаме намера да ја предадеме власта и демократските институции на криминални организации маскирани како политички“, рече тој.

Осомничениот за убиството почина од повредите здобиени при пукањето што следеше, објави државното обвинителство, а уште шест лица се уапсени под сомнение дека се поврзани со атентатот. (Њујорк тајмс)