Како се зголемуваше референтната каматна стапка на Народна банка

Каматната стапка на благајничките записи е основниот инструмент со кој Народната банка се бори против инфлацијата. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, вели дека порастот би бил и поголем, доколку фискалната политика била поекспанзивна


 

За само една година референтната каматна стапка на Народната банка се зголеми од 1,25 проценти, колку што изнесуваше во март лани до 5,50 отсто колку што изнесува од денеска. Тоа значи дека во овој временски период зголемувањето е речиси четирикратно или за цели 4,25 процентни поени и тоа влијаеше и врз поскапување на кредитите кои ги добиваат граѓаните и фирмите од банките.

Според министерот за финансии, Фатмир Бесими, ваквиот тренд би бил и поголем, доколку фискалната политика била поекспанзивна.

„Ние како фискална политика сме во целосна координација со монетарната политика и тоа се гледа со фактот што од ковид кризата до сега, како и во петгодишните проекции имаме постојано консолидирање на фискалната политика“, вели министерот Бесими.

Тој појаснува дека консолидирањето на фискалната политика значи намалување на дефицитот и намалување на јавниот долг, а притоа поддршка на растот со реформите што ги правиме. Тоа значи дека се остава поголем простор за монетарната политика да не оди преостро со каматните стапки.

„Претпоставете во овој период буџетскиот дефицит да не беше помал во однос на оној од претходните години, како 8,2 отсто од БДП во 2020. Тој постојано се намалува и оваа година е проектиран на 4,6 отсто од БДП, а во наредните пет години треба да се сведе на три отсто од БДП. Доколку е поголем (дефицитот) тоа ќе значеше повеќе трошење од страна на Буџетот, повеќе задолжување и повисоки каматни стапки, дури и од она што е сега кај нас. Значи, постои апсолутно координација и тоа на дневна основа. Утре може да не видите заеднички на регионална конференција на Виенска иницијатива, каде што ќе бидам јас заедно со гувернерката и други финансиски институции и гувернери од регионот како и финансиски институции од Европа и пошироко“, изјави Бесими во одговор на новинарско прашање на прес конференцијата по потпишување на договор за грант за пречистителна станица Скопје.

Каматната стапка на благајничките записи е основниот инструмент со кој Народната банка се бори против инфлацијата кај нас. Во однос на растот кај домашните цени има забавување и во февруари годишниот раст бил 16,7 проценти во споредба со јануари кога беше 17,1 процент. Сепак, од централната банка предупредуваат дека е неопходно претпазливо водење на политиките заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа.

Инаку, во изминатата година дена Народната банка ја зголеми каматната стапка 12 пати.

Еве како се движеше порастот на рефентната камата на НБ:

Март 2022:              1,25 отсто

Април 2022:            1,50 отсто

Мај 2022:                 1,75 отсто

Јуни 2022:               2,00 отсто

Јули 2022:               2,50 отсто

Август 2022:           2,50 отсто

Септември 2022:  3,00 отсто

Октомври 2022:    3,50 отсто

Ноември 2022:       4,25 отсто

Декември 2022:     4,75 отсто

Февруари 2023:      5,25 отсто

Март 2023:               5,50 отсто

 

Бесими вели дека Народната банка веќе една година следи тоа што се случува со каматните стапки на Европската централна банка и една недела после тоа објавува следна референтна каматна стапка.

„Тоа што сега е направено е резултат на тоа што го направи Европската централна банка минатата недела“, вели Бесими кој укажува дека финансиските средства што се даваат како грант, како денешниот за пречистителната станица влијаат и на релаксирање на состојбите дома, со оглед дека на меѓународните финансиски пазари оваа година се многу турбулентни и условите за задолжување се многу скапи.

„Овој начин на финансирање на нашата земја за вакви проекти со грантови и со поволни кредити од ЕИБ и ЕБОР, програмите со Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и другите како КфВ и други банки, се само еден од аспектите што ги правиме во контекст на финансирањето на развојот со поволни услови“, вели Бесими, додавајќи дека каматните стапки што ги утврдува Народната банка се насочени првенствено кон стабилизирање на очекувањата за порастот на цените, а од друг аспект имаат влијание и врз динамиката на раст.

Од Народната банка во соопштението укажуваат дека лани во последниот квартал забавила динамиката на раст на реалниот Домашен бруто-производ, како и дека во просек, за целата 2022 година, економијата забележала реален раст од 2,1 проценти, што е блиску до очекувањата од октомвриската проекција.

Фото:Б.Грданоски

„Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов се недоволни за согледување на состојбите во целина. Засега, податоците за јануари покажуваат солиден реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, наспроти малиот пад во претходниот квартал, како и поумерени негативни движења кај индустриското производство, велат од Народната банка“, велат од Народната банка.

Последното зголемување на референтната камата доаѓа и по зголемувањето на минималната плата, на линеарното зголемување на платите во дел од администрацијата, како и на пензиите, што според економистите дополнително ќе изврши притисок врз потрошувачката. Од друга страна, Владата во изминатиот период ги замрзна цените на повеќе основни производи, почнувајќи од лебот, потоа на млекото и млечните производи, па се до вчерашната одлука за замрзнување на цените на јајцата и на оризот.

Во меѓувреме, како резултат на зголемената камата на Народната банка, се зголемија и каматите на банкарските камати, како за депозитите, така и за кредитите, па сега оние кои позајмуваат пари од банките треба да сметаат и на повисоки износи за отплата на ратите. (М.Ј.)