Како Општина Илинден за 10 години стигна до над 200 инвестиции и под 3 отсто невработеност

Во Општина Илинден во изминатите десет години биле реализирани над 200 инвестиции, а невработеноста е под 3 отсто, информираат од Одделението за поддршка на градоначалникот Жика Стојановски. Од таму нагласуваат дека инвестицискиот циклус во општината не стивнува и покрај актуелната состојба со Ковид-19.

Оваа општина е една од најпривлечните инвеститорски дестинации во земјата и регионот, благодарение на континуираното создавање услови за влез на нови инвестиции и проширување на постоечките капацитети, како и создавање на поволна бизнис клима, велат од оваа локална самоуправа.

„Во последните десет години во локалните економски зони и стопанските комплекси реализирани се повеќе од 200 реални инвестиции во лесната и незагадувачка индустрија, како и дополнителни инвестиции во областа на услужните и занаетчиските дејности, од кои 40 странски директни инвестиции (СДИ). Големиот број на инвестициите овозможија невработеноста во општина Илинден која во 2008 година изнесуваше 38 отсто, во континуитет да се намалува, и денес да изнесува помалку од 3 отсто“, се вели во информацијата до медиумите.


Капацитетот на локалните економски зони е целосно исполнет, односно градежните парцели имаат свои сопственици каде што голем дел веќе се изградени и функционираат стопански субјекти, дел се во завршна фаза на градба, а дел се во фаза на отпочнување со градба. Согласно Централниот регистар на правни субјекти, во општина Илинден вкупно се регистрирани 736 фирми.
„Привлекувањето на инвеститори во Општината се должи на интензивниот развој на економската инфраструктура, во делот на изградбата на транспортната, комуналната и енергетската инфраструктура во локалните економски зони во изминатиот период. Во таа насока е и реализацијата на капиталниот проект Воспоставување на гасификациски систем, воведување на гасификација на стопанските објекти, кој се реализира во соработка со компанијата Гама АД Скопје“, велат од оваа општина.
Досега е изградена првата фаза од овој проект во должина од 2.400 метри, од Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Бунарџик, до локалната економска зона Марино-Кадино, а во моментов се работи на реализација на втората фаза од проектот во должина од 3500 метри, од локалната економска зона Марино-Кадино до локалната економска зона Ограѓа, како и локалната економска зона Илинден.

Сите овие активности во рамките на локалниот економски развој (ЛЕР), директно придонесуваат за стабилност во реализацијата на приходите во Буџетот на општина Илинден.
Според градоначалникот Жика Стојановски, ова е всушност дел од стратегијата на општина Илинден, којашто и понатаму останува максимално посветена на создавањето услови за отворање нови работни места, преку создавањето на поволна бизнис клима, привлекувањето на нови странски и домашни инвеститори во насока на подобрување на квалитетот на живеење и животниот стандард на граѓаните во општината. Тој додава дека општината има создадено услови за забрзан локален економски развој, има квалитетни млади кадри кои после завршувањето на средното образование во СОСУ “Илинден’’ се оспособени директно да се вклучат во производствениот процес во компаниите кои се наоѓаат на територија на општина Илинден, поради што изразува голема благодарност за општествената одговорност на бизнис секторот во општина
Илинден.

Градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски

Одржливиот локален економски развој (ЛЕР), подразбира економски силна, урбана и конкурентна општина, поради што општина Илинден продолжува со изградба на патна, комунална и енергетска инфраструктура, изградба на објекти од јавен карактер, продолжува со континуирани инвестиции во образованието, згрижувањето на деца од предучилишна возраст, во културата и спортот… Затоа, последните години Општината не е само привлечна бизнис дестинација туку и посакувано место за живеење, за што сведочи секојдневното зголемување на бројот на жители, се вели во информацијата до медиумите во која се додава дека општината Илинден работи со оптимален капацитет и динамика во спроведување и реализирање на зацртаните проектни активности, во услови кои ги наметнува актуелната состојба со Ковид-19.