Како Мицкоски ја виде Македонија подобра од Швајцарија
Сонот на ВМРО-ДПМНЕ, идеја наследена од Ванчо Михајлов, Македонија како „Швајцарија на Балканите“, сега под водство на Мицкоски е надминат
Главниот уредник на македонските провладини и партиски медиуми, Христијан Мицкоски, е велемајстор лошите вести да ги направи убави. Секој ден премиерот ја одушевува јавноста со своите изјави пласирани како ударни вести за големите достигнувања на владата и се разбира со својата лична елоквентност и придонес црното да стане бело, лошото да биде добро, поразот да биде победа, кочанската трагедијата да биде системски успех, сиромаштијата и бедата да бидат невидливи.
Тешко е да се рангира која од која вест е поубава. Дали таа дека системски подобро сме се справиле со кочанската трагедија од Швајцарија во скијачкиот центар Кран-Монтана, или дека сме меѓу најдобрите по економски раст во Европа. Или, пак, вестите во бесконечна низа дека бранот на скапотијата на енергенсите и храната се под контрола и нема место за голема загриженост и паника. Ситуацијата во земјата е стабилна. Како и не би била кога сите клучни позиции на одлучување и во извршната власт и во правосудниот систем и во Собранието и во највлијателните медиуми се е под контрола. Реформите се спроведуваат успешно, подобри сме од сите кандидати за членство во ЕУ, кои се форсираат со протекционизам од Европа која е во распаѓање.
Неправдата што ѝ се прави на Македонија од сите страни, од надвор и од дома, е најсилниот адут зошто сме таму кај што сме. Последни и заборавени, оставени изолирани во ќор-сокак. Плачењето за неправдите наместо решенија се најдоброто оправдување за неуспсите.
Почесна власт никогаш не сме имале
Силен удар е зададен против организираниот криминал и корупцијата. Власта е чесна како никогаш досега, нема ниту еден случај на злоупотреби и криминал на високи функционери. Пресметката се одвива успешно со велепредавниците на националните интереси и арамиите од опозицијата. Бомбардираат вмровските јастреби со стотици дронови во форма на медиумски патки. Фрчат кривични пријави против политичките противници и збирштината во „слабата“ предавничка опозиција и во неколкуте медиуми и ретки јавни личности и новинари, сите до еден странски платеници.
Додека домашните непријатели роварат со обидите да ја дестабилизираат државата власта граби напред со прослави на големите успеси. Се удираат камен-темелници на градинки и паркинзи и се пуштаат во употреба нови километри патишта, вијадукти, брзи пруги и тунели кои се градат повеќе од 20 години. Сѐ што беше закочено од претходната опозиција, денешната власт го откочи. Тие што кочеа, сега откочуваат.
На сите страни милина една, стандардот и платите на граѓаните растат перманентно поради што граѓаните аздисаа па барат преку леб погача. Замислете, каква дрскост на синдикатот кој повикува на протести и зголемување на минималните плати, измислувајќи дека стотици илјади семејства живеат во мизерија. Тоа што власта го поддржуваше кога беше во опозиција сега е санирано со убавите вести. Граѓаните по две години уште не знаат колку им е подобро сега кога ВМРО-ДПМНЕ управува со државата. Ама ќе дознаат кога ќе догори до ноктите.
Тоа не е некрофилија, тоа е бесмислено
Има уште многу работи на домашен и на меѓународен план кои нѐ ставаат на прво место во регионот и пошироко во Европа, но по личен избор сепак на прво место би ја ставил изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за најголемата трагедија во Македонија дека системски подобро сме се справиле од Швајцарија.
Тоа е најубвата вест што сме ја чуле од него. Досега сонот на ВМРО-ДПМНЕ наследена од Ванчо Михајлов за Македонија како „Швајцарија на Балканите“, сега под водство на Мицкоски е надминат. Подобри сме од Швајцарија во справување со трагедии. Браво премиере за изјавата дека македонскиот систем и институциите, далеку подобро се справиле со трагедијата со пожарот во дискотеката во Кочани, отколку швајцарските надлежни, при нивната трагедија во дискотеката во Кран-Монтана.
Прашан дали „чувствувате како Влада дека добро се справивте со трагедијата во Кочани пред една година?“, Мицкоски беше категоричен:
„Апсолутно да. Апсолутно да, но кога правите споредба на лоши настани, делувате некрофилски. Јас не сакам да бидам и да делувам некрофилски, но ќе дадам целосен одговор, затоа што ако се спореди тоа што ние како влада го направивме, со она што се случи во Кран-Монтана во Швајцарија, можам да кажам дека неколкукратно подобро се справивме. Во сите параметри, во сите споредби. За жал, не постои начин да ги вратиме тие кои не се повеќе меѓу нас. Но, од аспект на системска реакција, кога ќе го споредиме тој настан, со оној настан што се случи во дискотеката во Кран-Монтана, Швајцарија, неколкукратно подобро. Верувале или не, системот македонски, институциите македонски реагираа подобро, отколку системот во Швајцарија и институциите во Швајцарија. И тоа се бројки“.
Ауууу… ова ич не звучи некрофилски, несоодветно е да се каже бизарно, или недолично, најточно е прилично бесмислено, па и глупаво. Не може премиере и од трагедија да се прави пи-ар и популистичка партиска пропаганда. Ама, ете, можело. Тоа, за жал ви успева и многу кажува за „твојот народ“, како што често милуваш да кажеш.
Кога се седи на три столчиња
Во што бевме подобри од Швјацарија. Еве ги доказите и бројките: Во Кран-Монтана загинаа во паб на дочек на Новата година 41 лице, претежно туристи, а кај нас во кочанскиот крематориум „само“ 63 наши деца. И со повредени и со тешки последици сме далеку подобри, тие имаа 115, а ние над 200. Тие настраданите ги главно ги лечат во своите болници, а ние речиси сите ги испративме во странство, што секако е голем успех. Тоа е подобар „системски“ резултат. Нели.
Кај нив, има само неколку обвинети, а кај нас прво над 50, па потоа 35 ставени сите ставени во ист кош. Ги нема само тие што требаше таа вечер да ја спречат големата трагедија. Да, има и нешто кај што сме еднакви. Во Швајцарија не слушнавме ништо за лична морална одговорност на високи функционери, исто како и кај нас, со таа разлика што кај нив вистинските виновници ќе бидат казнети, а обештетувањето на семејствата на загинатите и повредените ќе бидат исплатени милионски суми, а кај нас дали има, или нема морална одговорност се одлучуваше на локалните комунални избори. По големата победа на изборите „народот“ изгласа, според вмровската доктрина, дека нема морална одговорност. А што се однесува до обесштетувањата на загинатите и повредените во Кочани тие се во категорија на навредлива социјална помош. Казните ќе уследат за виновниците како што ќе одлучи кадијата.
Швајцарскиот модел за ВМРО-ДПМНЕ има историски корени. Што ќе ѝ фали на Македонија да биде како Швајцарија која не е членка на ЕУ. Обновата на оваа стара идеја на Ванчо Михајлов може да биде најубавата вест која може добро да ни легне како мевлем на рана во овие драматични денови на војни. Разликата меѓу Македонија и Швајцарија не е голема. Тие имаат десетици светски брендови кои носат стотици милијарди долари годишно, ние немаме ниту еден, но и тоа може да се совлада со убави вести. Време е повторно да ја обновиме оваа прекрасна идеја за „Швајцарија на Балканите.“
Мал проблем е само тоа што премиерот и владата седат на три столчиња и уште едно помошно скришно. Првото е за целосна поддршка на Америка и на политиката на претседателот Доналд Трамп во неговите војни. Второто е цврста определба за евроинтеграциите со нужните гаранции кои никој не ги прифаќа, третото е за поддршка на претседателот Александар Вучиќ и Србија и едно помало четврто столче, невидливо. Од седење на два столчиња се паѓа, а од три се распаѓа. За помошното, каде е скриен падобранот за спуштање на земја, ќе нема време.