Како лажните факти за македонскиот јазик ВМРО-ДПМНЕ ги направи дел од агендата за кампањата?
Во Преговарачката рамка дословно стои дека „преводот на acquis на македонски јазик“ е неопходен услов за Македонија, а Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ тврди дека тој не се споменувал
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2024/04/Стефан-Андоновски.jpg)
Ситуациите изгледаа смешни, но во суштина беа лажни вести за да се доведе во заблуда јавноста.
Во првиот случај, секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, во дебатата со секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и вицепремиер, Бојан Маричиќ на „Топ тема“ на Телма во понеделникот тврдеше прилично неуспешно, па дури и пропагандно наивно, дека македонскиот јазик не бил споменат во Преговарачката рамка со ЕУ.
Маричиќ ги креваше рацете во неверување за лажните факти што ги споменува Андоновски, велејќи му дека е сигурен оти претставникот на ВМРО-ДПМНЕ знае дека тоа што го зборува е невистина.
Водителот, Боби Христов, не можеше да ја запре насмевката за партиската „наивност“ и да каже дека македонскиот јазик изрично се споменува во Преговарачката рамка. А оние што ја следеа емисијата се прашуваа што му треба на секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ да кажува работи кои се невистини за самиот да го поткопа впечатокот за себе. Потоа Стефан Андоновски за момент замолче и се повлече.
Го има или не македонскиот јазик во Преговарачката рамка?
На крајот од третата точка од изјавата на ЕУ за отворање на пристапните преговори со Македонија е напишано ова:
„Во однос на преводите на acquis на македонски јазик, ЕУ ги забележа соодветните еднострани декларации на Бугарија и Северна Македонија“.
Веднаш потоа, во точката 4, стои ова:
„Регионалната соработка и добрососедските односи остануваат суштински елементи на процесот на проширување. Северна Македонија треба да продолжи конструктивно да се вклучува во инклузивна регионална соработка и зајакнување на односите со соседните земји.
Денес се потсетуваме на важноста од постигнување опипливи резултати и имплементација со добра верба на билатералните договори, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедските односи со Бугарија“.
Подолу, во Преговарачката рамка, во делот „Суштина на преговорите“, на крајот од точка 22, е напишано ова:
„Северна Македонија ќе треба да направи преводи на acquis на македонски јазик добро време пред пристапувањето, и ќе треба да обучи доволен број преведувачи и толкувачи потребни за правилно функционирање на институциите на ЕУ при нејзиното пристапување“.
Не само што се споменува македонскиот јазик, туку „преводот на acquis на македонски јазик“ е еден од неопходните услови.
Во исто време на друга телевизија, во Канал 5, поранешниот амбасадор и член на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ѓорчев, во емисијата „Само вистина“ ги убедуваше познатиот новинар Александар Чомовски и водителот Александар Видиновски, дека во Собранието не била усвоена Преговарачката рамка и дека таа е, всушност, непостојна за Македонија.
Какви се фактите?
На 16 јули 2022 по тридиневна дебата во Собранието, во напрегната атмосфера исполнета со звуци на вувузели и извикувања од страна на опозицијата, пратениците ги усвоија заклучоците за францускиот предлог. За нив гласаа 68 пратеници, а опозицијата пред гласањето ја напушти салата. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на партијата, Александар Николоски, во расправата изјави за францускиот предлог: „Вакво понижување не сум видел, ова е злосторство врз еден народ“.
Истиот ден заклучоците беа испратени до Владата, која е институционално надлежна за преговорите со ЕУ. Врз основа на заклучоците на Собранието Владата го одобри францускиот предлог и преговорите со ЕУ и официјално можеа да започнат.
Реториката, особено во кампањата за изборите може да се менува, да се искривуваат настаните, да толкуваат поинаку, но фактите и документите не можат да се поништат. Тоа може да се прави со вербална еквилибристика во телевизиски студија, но содржината на документите кои се чуваат и во Брисел не може да се искривува, па дури и фалсификува. (Н.В.)