Каде е „љубовницата“ на Путин – во Швајцарија или во луксузен бункер во Сибир

Петиција на противниците на Путин од Русија, Украина и Белорусија до властите на Швајцарија да ја протераат наводната љубовница на рускиот претседател, Алина Кабаева


Гласините за романтичната врска на Владимир Путин и Алина Кабаева се појавија во 2008 година

 

Противниците на Владимир Путин во Украина, Русија и Белорусија се обединуваат со петиција со која бараат Швајцарија да ја протера „љубовницата“ на рускиот претседател, Алина Кабаева, по тврдењата дека таа се крие со нивните тајни деца во луксузна вила.

Кабаева (38) е поранешна олимписка гимнастичарка и освојувачка на златен медал, за која се верува дека е љубовница на Путин и мајка на тајните деца кои тој никогаш официјално не ги признал.

Петицијата доаѓа поради извештаите дека Кабаева, некогаш прогласена за „најфлексибилна жена во Русија“, била испратена во приватна вила во Швајцарија на почетокот на овој месец, среде инвазијата на Украина.

„Време е повторно да ја обедините Ева Браун со нејзиниот фирер“, се вели во силно формулираната петиција“. „И покрај актуелната војна, Швајцарија продолжува да биде домаќин на соучесник на режимот на Путин“, се додава во петицијата, а пренесува „Дејли мејл“.

Западот досега не ја санкционираше Кабаева, која покрај тоа што се шпекулира за таен партнер на Путин, е и претседател на одборот на директори на Национална медиска група – голем ТВ и весникарски концерн послушен на Кремљ – со плата од 9 милиони евра годишно.

Двајцата беа сликани заедно во неколку наврати, а истрагите на Антикорупциската фондација, формирана од затворениот противник на Путин, Алексеј Навални, открија дека неколку руски олигарси необјасниво му дале подароци во имот, пари и други средства на семејството на Кабаева.

Поранешната гимнастичарка ретко се гледа во јавноста, но таа беше фатена на видео како танцува на турнирот во ритмичка гимнастика „Божествена благодат“ во Москва во декември минатата година, само неколку недели пред Русија да ја нападне Украина.

„Ние, граѓаните на Русија, Белорусија и Украина, кои моментално се подложени на огромно страдање, се обединуваме за да им се обратиме на швајцарските власти“, се вели во петицијата, која беше објавена на change.org на германски, француски и англиски јазик и досега доби речиси 55.000 потписи.

„Бидејќи ги поддржува социјалните активности во Русија, таа се обидува да ги навикне руските граѓани на реалноста на санкциите по 2014 година и лично прогласи: ‘Колку е полошо, толку подобро за нас’“, се вели во петицијата.

Сè уште нема независно потврдени докази дека Кабаева, поранешна пратеничка пропутиновската партија, се крие во Швајцарија, каде што се смета дека ги родила децата на рускиот претседател.

Во меѓувреме, одделни извештаи сугерираат дека Кабаева не е во Швајцарија, туку во високотехнолошки подземен бункер на планините Алтај во Сибир.

Политикологот Валери Соловеј (61) изјави претходно овој месец: „Всушност, тоа не е бункер, туку цел подземен град, опремен со најнова наука и технологија“.

Тој предупреди: „Се надевам дека ова ви значи нешто? Дека претседателот го испраќа своето семејство во овој бункер?“

Кабаева има многу малку појавувања во јавноста до сега, но даде изјава која ја критикуваше одлуката со која се спречи рускиот тим да се натпреварува на Параолимпијадата во Пекинг поради војната во Украина.

„Никогаш немало посрамна страница во историјата на светскиот спорт“, рече таа.

Таа се пожали дека олимписките функционер „толку се трудеа да ги понижат Русите, ги забраниле нашите симболи, знаме и химна. Русија беше, е и ќе биде голема спортска сила – и не можете да направите ништо за тоа“.

Гласините првпат ја поврзаа романтично со Путин уште во 2008 година.

Путин – кој во 2013 година објави дека се разведува од сопругата Људмила, поранешна стјуардеса на „Аерофлот“ – претходно изјави: „Имам приватен живот во кој не дозволувам мешање. Мора да се почитува.’

Во 2001 година Кабаева беше под привремена забрана да се натпреварува во ритмичка гимнастика откако падна на допинг тест. Една година претходно таа го освои златото на Летните олимписки игри 2000 година.