Јужна Каролина ја спроведе првата смртна казна со стрелачки вод во САД по петнаесет години


САД ја спроведе првата егзекуција со стрелачки вод по 15 години, при што затворските власти во Јужна Каролина во петокот навечер го погубија 67-годишниот Бред Сигмон, и покрај широко распространетите загрижености за безбедноста и суровоста на оваа метода, пренесува Гардијан.

Сигмон бил најстариот погубен затвореник во историјата на државата, а неговата смрт е дел од серијата брзи егзекуции што Јужна Каролина ги спроведува во последните шест месеци како дел од обновата на смртната казна. Имаше сè погласни повици за помилување, но неколку минути пред егзекуцијата, републиканскиот гувернер на државата, Хенри Мекмастер, објави дека нема да интервенира.

Во своите последни зборови, Сигмон ги повика христијаните да ја поддржат укинувањето на смртната казна.

По 13-годишна пауза во егзекуциите во Јужна Каролина, поради недостаток на материјали за нивно извршување, државата сега им наложува на осудените на смрт да изберат метод на егзекуција – електричен стол, смртоносна инекција или стрелачки вод.

Сигмон избрал да биде стрелан од страв дека смртоносната инекција ќе резултира со „долга и мачна смрт“, откако извештаи покажале дека последните тројца мажи егзекутирани во Јужна Каролина со пентобарбитал, седатив, умирале по повеќе од 20 минути, а еден од нив изгледал како да се дави и гуши.

Тројца затворски службеници вооружени со пушки стрелале во Сигмон истовремено. Овој тип на смртна казна се извршува со тоа што заложникот е обележан со мета. Куршумите кои што ги исфрлаат службениците се поголеми куршуми кои што веднаш при влез на телото се шират за побрзо да биде усмртена метата.

Во просторијата имало тројца новинари сведоци, вклучувајќи претставник од Асошиејтед Прес, кој известил дека персоналот стрелал низ отвори во ѕидот, на оддалеченост од околу 4,5 метри од Сигмон. Според AP, метата на неговите гради била разнесена при стрелбата. Службениците, кои доброволно се пријавиле како стрелци, испукале околу 18:05 часот, а Сигмон бил прогласен за мртов приближно три минути подоцна.

Сигмон бил осуден за убиствата во 2001 година на родителите на неговата поранешна девојка. Долго време ја признавал својата вина, а неговите адвокати тврделе дека убиствата произлегле од детство исполнето со тешка злоупотреба, занемарување и недијагностицирана и нелечена ментална болест.

Неговите адвокати изјавија дека тој страдал од органски оштетувања на мозокот и манични епизоди, како и дека доживеал психотичен напад кој веројатно го направил неспособен да му се суди.  Врховниот суд на САД ја одби жалбата на неговите адвокати за стопирање на егзекуцијата.

Последните зборови на Сигмон, пренесени од неговите адвокати, гласеа: „Сакам моето последно обраќање да биде порака на љубов и повик до моите христијански браќа и сестри да помогнат во укинувањето на смртната казна. ‘Око за око’ беше користено како оправдување пред поротата за да се бара смртна казна. Во тој момент, јас бев премногу неук за да сфатам колку тоа беше погрешно.“