Јунската инфлација во Албанија 2,1 отсто, и понатаму најниска во регионот
Албанскиот Институт за статистика (ИНСТАТ) објави дека за јуни инфлацијата изнесува 2,1 отсто што е на исто ниво со април а пониска за 0,1 отсто споредено со мај.
Нивото на инфлација во јуни е речиси двојно пониско од пред една година кога изнесуваше 4,5 отсто.
Според медиумите, споредено со земјите од регионот Албанија и понатаму има најниска стапка на инфлација.
Статистиката на трошоците за производство покажуваат дека секторот производство на храна има зголемени трошоци, што се рефлектира и во финалните производи. Од друга страна, успешното производство на овошје и зеленчук довело до забавување на нивните цени годинава, по двегодишен период на двоцифрен раст.
Нивото на инфлација веќе петти месец по ред е под целта на Централна банката на Албанија, која предвидуваше 3 отсто до крајот на годинава.
Банката минатата недела одлучи да ја олабави монетарната политика, намалувајќи ја основната каматна стапка за 0,25 процентни поени за првпат од март 2022 година.
– Основната каматна стапка сега изнесува 3 отсто. Позитивните перформанси на економијата и падот на инфлацијата се главните причини за ваквата одлука. Достапните податоци сугерираат дека албанската економија продолжува да одржува позитивен тренд на развој, изјави гувернерот Генц Сејко, соопштувајќи ја одлуката.
Според него економската активност, вработеноста и платите продолжиле да растат во првите два квартали од годинава, инфлацијата е намалена, финансиските пазари се релативно мирни, додека кредитирањето забележало прогресивен раст.