Јосипа Лисац и на 73 години е дива со моќен глас – магичен концерт во Филхармонија (видео)

Публика од сите генерации синоќа на силниот дожд уживаше во два ипол часовниот концерт на дамата со моќен и уникатен глас и екстравагантен изглед Јосипа Лисац која во ексЈУ го имаше статусот на суперѕвезда со мегахитовите кои и до ден денес се антологија во џез и рок музиката во регионот.
По пет години пауза, Лисац се врати во Скопје со препознатливиот изглед во црно, црвена коса и црвен кармин, неуморна, духовита, со нови песни и стари хитови, во чест на 50 јубилеј од нејзиниот култен албум „Дневникот на една љубов“ посветен на нејзината најголема љубов и музички ментор Карло Метикош кој ненадејно почина во 1991 година, на 52 години.
Двата часа беа музичка магија за дотераната публика, која не штедеше на аплаузи и овации и која речиси ја исполни до последно столче Филхармонија, која во последно време за други големи ѕвезди, за жал, е полупразна.
Хрватската ѕвезда, која сега има 73 години, и дојде со еден, ексклузивен концерт на покана на „Авалон“, за кој рече дека „секогаш мислат на мене“, се уште фасцинира со пеењето, сценските движења, шармот и интелигентниот хумор. Концертот го почна со новата песна „А, каде си ти“ (A, gdje si ti), а го заврши со една побавна и поџез верзија на „Магла“. Вечерта ги слушнавме и омилените „Каде Дунав го љуби небото“ (Gde Dunav ljubi nebo), „Хир ,хир , хир“, „Живеам по свое“ (Živim po svom)„ За една младост“ (O jednoj mladosti), „Илјада причини“ (Hiljadu razloga)…, а изостанаa „Јас боледувам“ (Ja bolujem) и „Аве Марија“.
Како што истакна во наративите меѓу песните, секогаш се трудела да биде најдобра и да го собере најдобриот тим околу себе, кои исклучително, синоќа ја следеа на сцената, со непретенциозен лајтшоу и дека концертите секогаш и се чиста импровизација.
„Кога ги добивам аражманите на старите песни јас не можам да се снајдам. Здодевно е да го пееш секогаш истото. Јас секогаш сакам нешто ново, зашто ако продолжам по старо, пред мене ќе се појави еден голем прашалник, зошто?“, рече синоќа Јосипа Лисац. (Л.С.)