Јордановска од Дино Баскет ќе учествува ФИБА камп во Турција
Младата кошаркарка од Кочани, Јана Јордановска, член на Баскет Дино доби значајно меѓународно признание откако беше избрана да биде дел од македонската репрезентација до 14 години на престижниот FIBA Youth Development Fund (YDF) камп што се одржува во Чанаккале, Турција.
Кампот започна на 22 јуни и ќе трае до 27 -ми. Таму се присутни најталентираните млади кошаркари и кошаркарки од регионот. Кампот овозможува стекнување нови искуства, унапредување на индивидуалните кошаркарски вештини и натпревари со врсници од повеќе земји.
Од КК „Баскет Дино“ истакнуваат дека изборо за учество на Јордановска на FIBA камп во Турција претставува потврда за нејзината посветеност, дисциплина и континуиран напредок на теренот.
– Овој повик е резултат на нејзината напорна работа, посветеност на тренинзите и квалитетот што го покажува во дресот на клубот. Јана прераснува во вистински лидер и пример за младите генерации кошаркари во Кочани. Настапот на ваков камп е важен чекор во нејзиниот спортски развој – велат од стручниот штаб на клубот.
Учеството на Јана Јордановска на FIBA YDF кампот претставува голем успех не само за неа и нејзиниот клуб, туку и за кочанската кошарка во целина, која продолжува да создава млади спортски таленти со потенцијал за меѓународна афирмација.