ЈКП „Стандард“-Дебар почна со ажурирање на податоците на корисниците на услуги

Јавното комунално претпријатие „Стандард“ почна со ажурирање на податоците на корисниците на услуги и потпишување нови договори, кои ги содржат потребните основни податоци.
– Врз основа на Законот за облигациски односи, како и врз основа на препораките на Државниот завод за ревизија, во тек е еден од најважните процеси од административен аспект на функционирањето на претпријатието. Овој процес е билатерална обврска за давателите на услуги и потрошувачите како корисници на истите, вели во изјава за МИА, директорот Бурим Каба.
Со ова, според Каба, претпријатието ќе има појасна слика за проблемите и потребите за подобрување на услугите како што се подобро планирање на идните инвестиции и воспоставување на правото на еднаков третман што недостасува.
– Освен што ќе имаме точна евиденција, оваа активност ќе услови избегнување на непотребните недоразбирања. Поконкретно, има многу сопственици на објекти за домување, кои ги оттуѓиле истите, но ниту претходниот, ниту сегашниот сопственик, не се јавиле да извршат промена. Посебно проблем се јавува кога поради неплатени сметки ќе доставиме соодветна пријава во судот, посочува Каба.
Апелира до корисниците да ја реализираат оваа обврска на шалтерите за наплата со документ за идентификација на сопственикот, купопродажен документ или договор за изнајмување, со цел да се забрза овој процес.
Според него, оваа обврска треба да ја реализираат над четири илјади корисници.