Јавниот долг на Албанија на најниско ниво од 2008 година


(Фото: Независен)

Јавниот долг на Албанија на крајот на 2024 година се намалил на ниво од 54,73 отсто од Бруто домашниот производ, наспроти 55,8 отсто, колку што се предвидуваше.

Намалувањето на јавниот долг на ниво од 54,73 од БДП е и најниско ниво од 2008 година, кога долгот изнесуваше 54,8 отсто.

Официјалните податоци од статистичкиот билтен на Министерството за финансии покажуваат намалување за 17,94 отсто споредено со 2015 година, кога јавниот долг достигнал највисоко ниво, 72,67 отсто од БДП.

Албанија имаше јавен долг од 72 отсто и во 1999 година, две години откако земјата го доживеа финансискиот колапс предизвикан од пирамидалните штедилници. Оттогаш долгот постојано се намалуваше од година во година до 2008 година, кога долгот се зголеми за првпат по десет години.

Министерството за финансии на Албанија соопшти дека „напредокот во намалувањето на нивото на јавниот долг е постигнат благодарение на внимателното фискално управување“.

– Ваквото претпазливо фискално управување, во комбинација со макроекономската стабилност и структурните реформи, го зајакнаа и кредибилитетот на меѓународните пазари, оценуваат од Министерството.

Агенциите за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ и „Мудис“ ја подобрија оценката за Албанија, потврдувајќи ја стабилноста на албанскиот пазар.