Јавниот долг може да се искачи на 60,5 отсто од БДП


Министерот за финансии Фатмир Бесими вели Ковид кризата е од неекономска природа и затоа мора да се вбризгаат пари во економијата

Јавниот долг може да ја пробие психолошката граница од 60 отсто од домашниот бруто производ, но тоа ќе зависи од повлекување на средствата од кредитите кои земјаата ги има добиено, изјави вечерва министерот за финансии Фатмир Бесими. Сепак, според него, ваквите економски показатели треба да се гледаат на среден рок, а не само за тековната година. Јавниот долг, како што истакна, поради задолжувањата за потребите на четвртиот сет на мерки може да оди над психолошката граница, но не мора да значи.

-Јавниот долг може да дојде до 60,5 проценти, но зависи од текот на реализацијата на голем дел од програмите кои се со кредити од надвор и реализацијата на Буџетот. Не можам да кажам колку точно ќе биде, но проекцијата е дека новото задолжување може да има до еден процентен поен импакт врз јавниот долг. Значи јавниот долг може, но не мора да ја надмине психолошката граница од 60 проценти. Овој износ е на нивото на фискална финансиска одржливост. Стопанството и граѓаните треба да бидат мирни дека Буџетот има доволно позиции и соодветно да се финансира без при тоа да се загорози финансиската и фискалната стабилност на земјата, потенцира Бесими во емисијата Топ тема на ТВ Телма..

Посочи дека ќе мораме да ги враќаме долговите кои сега ги правиме и додаде дека тоа ќе може да го направиме ако на среден рок имаме добро поставена финансиска фискална стратегија.

Тој истакна дека Ковид кризата е од неекономска природа и сите економии во светот вбризгуваат средства во стопанството, го прошируваат дефицитот и преку мерки ги поттикнуваат и понудата и побарувачката за да ја зголемат економската активност и на тој начин да ја надминат кризата. Како резултат на намалување на домашната потрошувачка и нарушувањето на глобалните синџири поради ковид кризата, приходите секаде имаат помала реализација, додаде тој.

-Неколку пати имаше интервенции со мерки за справување со кризата, за поддршка на економијата и надминување на последиците од кризата, како и поддршка на граѓаните. Тоа се случи и со вториот ребаланс кој има зголемување на расходната страна со цел да го поддржи четвртиот пакет на мерки. Дефицитот кореспондира со најголемата економска криза која и се случува на нашата економија – повисок пад од 12,7 процемти на квартално ниво немало во нашата економија и минус 6,5 проценти пад во првото полугодие, рече Бесими.

Но, посочи, тоа не е само кај нас.

-Тоа го имате на ниво на светската економија и на Европската Унија. Тоа е глобален проблем, глобална криза. Со вториот ребаланс е проширен буџетскиот дефицит, но средствата се насочуваат кон четвртиот пакет мерки кој е во насока на помош на граѓаните и стопанството за надминување на кризата, нагласи Бесими.

Појасни дека речиси сите економии во текот на годинава го проширија буџетскиот дефицит и додаде додека просекот на Еврозоната е 8,4 отсто.

-Следниот период со стабилизирање на состојбата и прудентно менаџирање, буџетскиот дефицит ќе се консолидира, рече Бесими.