Јавниот долг го достигна нивото од 60 отсто од БДП


 Државниот завод за ревизија го објави ревизорскиот извештај од извршената ревизија на успешност – Управување на јавниот долг-задолжување на Република Северна Македонија.

Ревизијата е извршена согласно годишната Програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2020 година и го опфаќа периодот 2015 – 2020 иако одредени области, прашања и настани се опфатени пред 2015 година.

-Во услови на КОВИД-пандемијата постигнат е лимитот на јавниот долг од 60 отсто од БДП и долгот е зголемен за 15 процентни поени. Во Република Северна Македонија и други држави во меѓународни рамки како одговор на здравствено-економската криза не секогаш е обезбедено почитување на фискалните правила за управување со јавен долг и дефицит и има зголемување на нивото на јавниот долг, наведува ДЗР.

Анализите покажуваат дека јавниот долг бил во континуиран пораст во период од 2008 година до 2016 година. Во 2016 година, нивото на јавен долг се стабилизира се до 2019 година, пред започнување на здравствено економската криза, од кога почнува постојано да расте. 

Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека јавниот долг на 31.12.2020 година изнесува 6.483,3 милиони евра, односно 60,2% од БДП. Состојбата на долгот во вториот квартал за 2021 година, пак, изнесува 7.386,8 милиони евра, односно 64,4% од БДП. 

Околу 75% од вкупниот јавен долг, односно 88% од државниот долг е за финансирање на буџетскиот дефицит каде се проектирани повисоки расходи од приходи, а изворите за финансирање се преку задолжување од домашни и странски. извори што има големо влијание врз создавањето, цената, одржливоста и управувањето со јавниот долг. Отсуството на клучни процеси во управувањето со јавните инвестиции влијае на зголемување на цената на проектите, а со тоа и на ефикасно управување со јавниот долг, се наведува во ревизорскиот извештај.

„Државните расходи се во постојан пораст во апсолутен износ, а значително се зголемени и како процент од БДП во 2020 и 2021 година, за справување со здравствено економската криза и изнесуваат околу 37% од БДП во 2020 година, а за 2021 година, планирани се на износ од 38% од БДП, поради што значајно е зголемен дефицитот во 2020 година, изнесува 8,11% од БДП, а за 2021 година, е планиран на 6,5% од БДП“, укажуваат ревизорите. 

Целосниот извештај може да се прочита на https://dzr.mk/sites/default/files/2022-02/62_Upravuvanje_so_javen_dolg_Zadolzuvanje_na%20RSM_2021_1.pdf.