Јапонскиот премиер вели дека Токио и Вашингтон имаат различни мислења за царините

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба денеска изјави дека билатералните преговори со САД нема да бидат лесни, а во исто време ја објави својата намера да отпатува во Вашингтон и да има директни разговори со американскиот претседател Доналд Трамп за прашањето за царините, пренесе јапонска новинска агенција.
Делегација предводена од јапонскиот министер за економска и фискална политика Риосеи Аказава разговараше со американски претставници во Белата куќа, при што на разговорите се приклучи и Трамп, кој објави дека е постигнат „голем напредок“.
Ишиба рече дека Јапонија и САД имаат различни мислења и дека е подготвен да се сретне со Трамп во „најсоодветно време“.
Главниот преговарач на страната на Вашингтон е министерот за финансии Скот Бесант.
Јапонија сака целосно укинување на дополнителните царини за нејзините стоки кога се увезуваат во САД. Азиската земја беше погодена со царини од 24 отсто на нејзиниот извоз на американскиот пазар. Сепак, нивниот ефект, како и повеќето одмазднички царини на претседателот Трамп, беше одложен за 90 дена.
Останува на сила универзалната стапка на увоз од 10 отсто, која претходно ја објави шефот на американската држава, како и царините од 25 отсто за автомобили.