Јапонска компанија произведе шприц кој извлекува седум дози вакцина „Фајзер“


Јапонската компанија „Терумо“ во вторникот објави дека произведе нов шприц што може да извлече седум дози од секое шишенце на вакцината Cfid-19 на „Фајзер“, барем една повеќе отколку кај постојните шприцеви.
Министерството за здравство го одобри дизајнот во петокот, а „Терумо“ ќе започне со производство кон крајот на март, изјави портпаролот на компанијата за Ројтерс.

Новинската агенција Кјодо, која прва извести за оваа новина, соопшти дека „Терумо“ сака да произведе 20 милиони шприцеви оваа година.

Вакцината, развиена од „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер BioNTech, доаѓа во ампули за кои првично беше наведено дека содржат пет дози.

Шест дози може да се извлечат со специјални шприцеви, кои ја минимизираат количината на вакцина оставена во шприцот по употребата.

Јапонија минатиот месец започна програма за вакцинирање против КОВИД-19 и ја користи вакцината на „Фајзер“.

Министерот за вакцинација Таро Коно во петокот рече дека некои вакцини може да пропаднат поради недостаток на специјални шприцеви.