Јанша притисна, ЕУ ја повлече кандидатурата на Тања Фајон за претставник за Сахел
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, ја информираше поранешната словенечка министерка за надворешни работи, Тања Фајон дека, поради притисок од словенечката влада и Европската народна партија (ЕПП), таа ја повлекла нејзината номинација за специјален претставник на Европската унија за Сахел, изјави Фајон денес за агенцијата СТА.
Во таа прилика, Фајон изрази жалење што дневната политика преовладува над државните и европските интереси, како и фактот што Словенија ја изгуби можноста да добие толку висока позиција во европската дипломатија.
„Не е прв пат поради домашни политички конфронтации, Словенија да изгуби важно влијание, а пред сè, својот углед“, рече таа, нагласувајќи дека европските институции првенствено треба да ја оценуваат експертизата, искуството и резултатите на кандидатите при донесување кадровски одлуки и да се спротивстават на политичкиот притисок од поединечните национални влади.
Фајон потсети дека во писмо до главните градови на земјите-членки на ЕУ на крајот на јуни, Калас изјавила дека ја избрала како најквалификуван кандидат, што е и признание за работата на словенечката дипломатија во последните години.
Таа нагласи дека постапката била транспарентна и правилна и дека за сè бил информиран сегашниот шеф на словенечката дипломатија, Тоне Кајзер, кој „ја гарантирал поддршка“.
Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, претходно денес на социјалната мрежа Икс напиша дека сагата околу назначувањето на Тања Фајон за специјален претставник на ЕУ за Сахел е завршена.
Тој го објави ова откако Министерството за надворешни работи процени дека валидноста на номинацијата на Фајон е доведена во прашање.
Според неофицијални информации, министерот Кајзер ја информирал и Каја Калас за ова во петокот.
Компликациите околу потврдувањето на поранешната словенечка министерка за надворешни работи се случија пред две недели, откако Словенија наводно се спротивставила на нејзиното назначување.