Јаневска за проблемот во ОУ „Панајот Гиновски“: Мерката е многу едноставна и се вика дератизација


Фото: Б. Грданоски

Мерката е многу едноставна и се вика дератизација, рече министерката Весна Јаневска во врска со појавата на глувци во Основното училиште „Панајот Гиновски“ во општина Бутел и вознемирените родители кои поради проблемот не ги пуштаат децата на настава.

Одговарајќи на новинарски прашања денеска Јаневска рече дека ќе биде контактирана директорката на училиштето во врска со тоа што е преземено за да се надмине проблемот, а на реакција од медиумите дека директорката на „Панајот Гиновски“ не соработува со новинари, ниту со совет на родители и општината, министерката порача дека обврска на сите директори е да си ја извршуваат функцијата за која се поставени.

– Јас предлагам една многу едноставна мерка која се вика дератизација, а потоа и еколошка акција во училиштето. Веќе ја примивме информацијата, пред се од медиумите, ја следиме состојбата и преземеме соодветни чекори понатаму. Соработката е неопходна со сите институции со кои училиштето е поврзано. Директорите се поставени за да ја организираат наставата, но и сите други активности на училиштата, рече Јаневска. 

Во врска со проблем со превозот за ученици од периферија на Скопје, Јаневска рече дека МОН им префрла блок-дотации на општините и најави две нови формули за блок-дотациите што ќе им се даваат на општините – едната за основно, другата за средно образование. 

На новинарско прашање одговори дека не е запозната со проблемот на  ученици од Блаце и од села од други приградски населби кои поради прекинати автобуски линии до Скопје не можат да стигнат на настава. Иако имаат бесплатни билети, не можат да ги искористат бидејќи нема автобуси  и се принудени самите да се снаоѓаат за превоз до училиште или да плаќаат за такси.

-Жал ми е, првпат ја добивам оваа информација, досега никој не ме информирал како Министерство, а министерот не може да ги знае сите детали. Ние префрламе блок-дотации на општините и оттука натаму обврска на општините е да го организираат превозот на учениците. Јас ќе обрнам внимание на ова прашање, ќе ги анализираме податоците, но со оглед дека МОН префрла блок-дотации, дополнителен превоз не можеме да организираме. Вистина е дека и дел од општините се жалат дека блок-дотациите се релативно ниски за нивните потреби, па затоа оваа година, нешто што можело и во претходните години да се направи, а не е направено, ние како министерство  ќе направиме. Ќе донесеме во текот на годината две нови формули за блок-дотациите што ќе им се даваат на општините – едната за основно, другата за средно образование, со што очекувам да се подобри состојбата во општините и за превозот, додаде Јаневска.