Јаневска најави менување на полагањето матура

Нов, насочен систем на полагање матура најави денеска министерката за образование Весна Јаневска, при посетата на Економскиот факултет.
Таа не прецизира од кога точно би се вовел новиот начин на полагање матура, но ги образложи промените.
Таа вели дека државна матура ќе полагаат оние кои сакаат да продолжат со високо образование, а другите кои ќе полагаат училишна матура заминуваат на пазарот на труд. Тоа и до сега беше така, но промените се во начинот и обемот на полагањето државна матура. Имено, една матура полагаат ученици од стручно образование кои високото би го продолжиле во струката, а друг материјал оние кои ќе сакаат да сменат насока.
„Бидејќи донесовме Закон за средно стручно образование, државната матура ќе се менува во правец: училишна матура – пазар на труд, стручна државна матура – продолжување на високообразовни установи, но во соодветното поле или област. Што значи машинско на машински факултет, електро на електро факултет. Ако сакаат на друг на пример на економски, ќе мораат државна да полагаат за да можат да пристапат на нешто што досега не им било познато, гимназиска – државна матура, тие се спремаат да влезат во високото образование, уметничко – училишна, државна уметничка за да можат да одат на уметничките факултети и државна за да можат да одат на кој било друг факултет. Што е разликата? Разликата е во материјалот кој го учеле. Бидејќи стручните имаат помалку општообразовни предмети, прашањата ќе бидат од тој квантум на часови и материјал кој они го совладале. Бидејќи гимназиите го совладале, тие ќе имаат прашања од тој квантум кој го совладале“, се обиде да објасни Јаневска.