Извозот во јуни се намали во однос на мај, за шест месеци трговскиот дефицит е 1,6 милијарди евра


Во првите шест месеци годинава извозот од земјава достигнал нешто над 4 милијарди евра, а увозот од странство бил 5,6 милијарди, односно во овој период салдото во стоковната размена со странство е негативно и изнесува 1,6 милијарди евра. Ова го покажуваат најновите податоци за стоковна размена со странство за периодот јануари – јуни 2025 година, што ги објави денес Државниот завод за статистика.

Вкупниот обем на надворешно трговска размена во овој период достигнал 9.7 милијарди евра, што е 2,59 отсто повеќе од првите шест месеци лани. Извозот растел со поголемо темпо од увозот, покажуваат статистичките податоци. Покриеност на увозот со извозот e 71,2 отсто.

Она што загрижува е што вредноста на извозот во јуни била помал од онаа во мај, односно во јуни биле извезени производи за 695,5 милиони евра, а еден месец претходно вредноста на извозот била 745,2 милиони евра. 

Од друга страна, пак, кај увозот има спротивна тенденција, односно во јуни биле увезени производи за 981,4 милиони евра, а во мај за 967 милиони евра.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – јуни 2025 година, изнесува 249 милијарди денари и бележи пораст од 2,9 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – јуни 2025 година, изнесува 349,6 милијарди денари, што е за 2,4 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година, се наведува во соопштението на ДЗС.

Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.

Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.

Во периодот јануари – јуни 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија, кои учествуваат со 47,3 отсто во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 60,4 отсто во вкупната размена.

Главни поенти

Извоз јануари – јуни 2025 година во однос на јануари – јуни 2024 година

249.072,3 милиони денари: +2,9 %
4.043,4 милиони евра: +2,9 %
4.427,5 милиони САД долари: +4,2 %

Увоз јануари – јуни 2025 година во однос на јануари – јуни 2024 година

349.611,4 милиони денари: +2,4 %
5.675,8 милиони евра: +2,4 %
6.205,3 милиони САД долари: +3,5 %