Извор од канадската влада: Американците не информираа дека ни воведуваат царини


Канада доби потврда дека од вторник ќе бидат воведени царини од 25 отсто за сите стоки што се извезуваат во САД, освен за нафтата, која ќе има царина од 10 отсто, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на извор во канадската влада. Канадскиот премиер Џастин Трудо треба подоцна да одржи прес-конференција во Отава, потврди истиот извор.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека „ништо нема да го спречи да воведе царини од 25 проценти на сите производи од Канада и Мексико“, додавајќи дека стоките од Кина ќе имаат десет проценти повисоки царини од моменталните.

Ова е насочено кон трите главни трговски партнери на САД, кои заедно претставуваат повеќе од 40 отсто од увозот во земјата. Доналд Трамп, кој викендов престојува во својата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида, нема ништо закажано во неговиот официјален распоред.

Американскиот претседател ги објаснува новите мерки обвинувајќи ги трите земји дека играат улога во кризата со фентанил, моќен опиоид што ја пустоши Америка. Според него, Кина ги извезува главните состојки во Мексико, од каде мексиканските картели потоа произведуваат фентанил кој се продава преку граница. Тој, исто така, ги критикува Мексико и Канада дека недоволно ги контролираат миграциските бранови кон САД.